Се направи ли се што требаше Скопје да не биде пак во темница поради дефекти во електро-мрежата?

Поминаа веќе десетина дена откако Скопје доживеа енергетска темница кога без струја остана најголемиот дел од градот а и некои околни општини. Тогаш првично се кажа дека прекинот е резултат на исклучување на двата енергетски трансформатори во трансформаторската станица „Скопје 4“, како последица на дефект кој се појави на изолаторска верига на 110 киловолтниот далекувод кој ја напојува трафостаницата „Бунарџик“ преку трансформаторската станица „Скопје 4“. Се најави и дека посебна работна група составена од стручни лица вработени во МЕПСО ќе ги бара причините за прекинот во снабдувањето со електрична енергија по овој испад.

Оттогаш до сега имаше доволно време за да се утврди дали првичните претпоставки се и точните причини за дефектот кој им создаде не така мали проблеми на граѓаните. Но, јавноста досега не дозна ништо. Дали таа анализа е готова и до каде е нејзината изработка МЕПСО би требало да ја запознае јавноста. И пред се да се наведе што натаму ќе се презема.

Очигледно е, а тоа го покажа и скопското затемнување, дека состојбите во електро-мрежата не трпат импровизации и најмали пропусти предизвикуваат големи хаварии. Тие треба на време да се отклонат за да не се случи пак Скопје да биде во темнина.

А дали се превзема нешто околу подобрување на енергетската состојба во Македонија ќе објаснат ли исто така?

Претходна вестХакерски напад на веб-станиците на неколку банки во Македонија
Следна вестЃоковиќ призна дека нема да може да игра во САД бидејќи не е вакциниран