Со полагања на свежо цвеќе пред неговиот гроб денеска во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје ќе се одржи одбележување на 149-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Ќе има и делегација од македонското Собрание.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија. Тој е еден од најистакнатите револуционери и синови на македонскиот народ. Уште за време на неговиот живот тој бил наречен апостол на револуцијата за ослободување на македонскиот народ. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода од Османлиите тој ја обиколил цела Македонија.
Делчев е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Во зачуваните писма Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население: „Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и тогаш, тие добороволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.
Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. На 4 мај 1903 година, Гоце Делчев загинал во борба со османлиската војска во селото Баница.