Се опструира ли владината одлука за ограничувањето на маржите на училишниот прибор?

„Поради промена на цените не можеме да вршиме продажба на школски прибор…“, ова е известување кое деновиве се појавило во дел од скопските книжарници. Причина за промената на цените, познато е, е неодамнешната владина одлука со која се ограничени трговските маржи на училишниот прибор. Но, на ова вчера реагираа и граѓаните. На социјалните мрежи веќе се споделуваат фотографиите од ваквите известувања, а што предизвикува и реакција на граѓаните кои се соочуваат со неможноста да купат некои од артиклите.

-Не сакам да ја споменам населбата бидејќи имаме само две книжарници и сите ќе знаат дека зборувам за нив. Значи, денес се упатив да купам прибор за син ми за на училиште, ниту една не работеше. На двете стоеше дека наводно прават попис. Малку е симптоматично бидејќи тие две книжари имаат дуопол во нашата населба и на повеќето од нас ни стана јасно дека најверојатно станува збор за намерно затворање, за да не продаваат производи за кои е намалена маржата, вели една скопјанка.

На познатата фејсбук страница, Шило магазин, е објавена фотографија од скопски маркет, каде досега се продавал училишен прибор, но овој пат приборот е исложен, но стои известување дека не е за продавање.

-Почитувани, поради промена на цени, неможеме да вршиме продажба на школски прибор и артикли. Ве молиме за разбирање, стои во изнестувањето.

Во некои од маркетите пак, продажбата на предмети кои се потребни за на училиште беше укината.

На ова со свои коментари реагираат и граѓаните.

-А да требаше да ги поскапат за минута ќе го направеа, сега време им треба… Срам да ви е. А знаете да ставате маржи и по 300 проценти… Веднаш треба пломба на врата штом не ги почитуват правилата…, само се дел од коментарите на граѓаните.

Според мерката, со замрзнати маржи од 5 отсто во големопродажба и 10 проценти во малопродажба до 20ти октомври ќе се продаваат моливи, пенкала, тетратки, ранци, боици, линијари и друг училишен прибор, со цел да се намалат трошоците на семејствата во почетокот на учебната година.

Од вчера на терен се и околу 120 инспектори од ДПИ кои треба да контролираат дали се спроведува владината одлука. Директорот на инспекторатот Горан Трајковски смета дека завчерашниот ден бил доволен за трговците да ги прилагодат цените, по што вчера најави дека оние кои не го сториле тоа нема да бидат толерирани. Казните за прекршивање на одлуката се движат од 800 до 10.000 евра во зависност од видот и големината на трговецот.

-Одлуката е донесена на 3ти септември, она што го имам од искуство од претходно е дека треба да оставиме краток период за да ги прилагодат цените трговците на мало и големо, со тоа што во вчерашниот ден го оставивме тој период. Инспекторите се на терен. Не е секогаш само да казнуваме, туку треба да имаме соработка и со економските субјекти за да не се чувствуваат дека се премногу оштетени или не. Она енормно зголемување јас кое што го слушнав по медиумите дека се набавуваат по 50 денари а се продаваат 3 пати поскапи тоа не е за никаков поздрав и не смее да има толеранција, рече тој.

Претходна вестМарио Илиевски повикан во репрезентацијата на Македонија
Следна вестСкопјанец со закана со пиштол принудувал луѓе да вадат пари од банкомат и да му ги дадат