За вечерва е договорено продолжување на руско-украинските преговори во ситуација кога во повеќе украински региони се водат битки за неколку града. Ова е сликата по седум дена по упадот на руските воени сили во соседна Украина.
Руската агенција ТАСС објави дека и двете страни го потврдиле одржувањето на втората рунда преговори откако на првата средба не беше постигнат договор. Алексиј Арестович, советник на шефот на канцеларијата на укранскиот претседател изјави дека делегациите од двете страни ќе бидат непроменети.
-Сега е официјално. Втората рунда преговори меѓу Украина и окупаторот ќе се одржи денеска, изјави Арестович.
Локацијата на разговорите се уште не е потврдена
Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, соопшти дека тие прифаќаат средба.
-Нашата делегација ќе биде подготвена да ги продолжи разговорите, рече тој.
Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски како услов за продолжување на преговорите бараше Русија да го запре бомбардирањето на украинските градови и цивили.
Напоредно со ова, на подрачјето на Украина и денеска се водат тешки борби, посебно за градовите. Украинската служба за итни случаи соопшти дека во руската инвазија убиени се повеќе од 2.000 украински цивили, а уништени се стотици објекти, вклучувајќи транспортни објекти, болници, градинки и домови.
-Децата, жените и одбранбените сили ги губат своите животи секој час, се вели во соопштението.
Руската страна не соопшти дали и колкави загуби има.