Договор за грант од Европската унија со Европската инвестициона банка за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје се очекува денеска да биде потпишан во Клубот на пратениците. Како што се најавува, на потпишувањето на договорот ќе се обратат заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, евроамбасадорот Дејвид Гир и заменик претседателката на ЕИБ Лилјана Павлова.
Павлова денеска во интервју за МИА изјави дека станува збор за најголем грант досега од ЕУ доделен за Македонија според Инвестициската рамка за Западен Балкан и дека со него се комплетира финансирањето на проектот, заедно со заемите од ЕИБ и ЕБОР.
– Овој еколошки проект е дел од Економскиот и инвестицискиот план и зелената агенда со цел да се забрза зелената транзиција и да се овозможат подобри услови за живот за околу 500.000 луѓе. Имплементацијата треба да започне наскоро, по завршување на фазата на набавка, вели Павлова.
На овој голем проект чијашто вредност се проценува на 136 милиони евра се работи веќе неколку години. Оваа станица, која ќе биде лоцирана на подрачјето на скопската општина Гази Баба, треба да прочистува 90 проценти од отпадните води во градот. Скопје е меѓу ретките градови во Европа кои немаат пречистителна станица.
Денешното потпишување на договорот, меѓутоа, го отвора и прашањето дали е завршена истрагата која се отвори по тврдењата на скопската градоначалничка Данела Арсовска за злоупотреби во тендерската постапка. Минатата година Арсовска излезе то тврдењата дека се правени злоупотреби со менувањето на членовите на комисијата за избор на изведувачите во текот на постапката? Тогаш, Арсовска го обвини тогашниот директор на скопско ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за корупција и дека се фатени „со рачињата во медот“.
По ова, следеше и истрагата од Јавното обвинителство, од Финансиската полиција околу тврдењата на Арсовска. Но, резултатите од истрагата досега не се јавно соопштени. Дали истрагата е завршена и дали има некакви злоупотреби, јавноста сепак би требало да знае. Или, денешното потпишување на договорот значи дека истрагата утврдила дека немало злоупотреби и дека „ничии раце не биле во медот“….