Се повеќе граѓани имаат проблеми со дебелината: Отворен Центар за справување и третман со обезноста

Во Македонија има се поголем број на луѓе кои имаат проблеми со дебелината, беше укажано на денешното отворање на Центарот за справување и третман на обезност на Универзитетската Клиника за ендокринологија во Скопје.

Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека обезноста е сериозен светски здравствен проблем и има загрижувачки тренд на пораст во светот и кај нас.

-Потребно е да постои еден ваков интегриран центар во кој ќе се упатуваат овие пациенти за третман. Токму поради тоа и ние во нашата земја ќе имаме референтен центар за дијагностицирање и третирање на дебелината. Многу е важно да се отстрани стигмата за овие лица за да можта и самите тие да ја прифатат болеста и успешно да се справуваат со сите предизвици кои ги носи третманот, вели Меџити.

Директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот Арѓент Муча информира дека во Центарот ќе работи и дипломиран нутриционист кој ќе им помага на пацитетите во однос на едукација и совети за физичка активност.

-Во Центарот ќе се третираат пациентите, ќе се прави скрининг и за други коморбидитети и ризик фактори, ќе се обезбеди соодветен фармаколошки третман кај овие пациенти ако тоа биде потребно, рече тој.

Претседателот на Здружението за обезност (здебеленост) Ирфан Ахмети изјави дека ова е втор центар за менаџирање на дебелината, кој ќе биде регистриран и во Европската асоцијација за дебелина, каде се носат значајни препораки, одлуки за тоа како понатаму ќе се одвива стратегијата во менаџирање на обезноста.

-Обезноста зазема пандемиски размери во цел свест. И кај нас дебелината е во голем обем. Загрижувачки е дека обезноста исто така расте и кај млади, адолесценти…, рече Ахмети.

Тој информира дека по отворањето на првиот центар од ваков тип и по прегледани околу 400 пациенти, просекот на возраст на обезни (здебелени) лица од категорија од трета класа на обезност е 40 години. Нагласи дека обезноста е посебен проблем поради тоа што е причинител за многу заболувања, како ендокрини, така и кардиоваскуларни, како и од психолошки аспект.

Претходна вестМакедонски кошаркарски надежи ја победија Ирска, во четвртфиналето играат со Велика Британија
Следна вестМицкоски: Ако некој доаѓа овде да разговара само за уставни измени, тогаш навистина ќе бидам разочаран и навреден