Агонијата на Преспанското езеро трае со години. Со години се повторуваат и ветувањата на македонските власти дека ќе го спасат од пресушување најголемото езеро во Македонија, кое во помал дел го делиме со Албанија и Грција.
Но, нивото на водата постојано се намалува, полека езерото наликува на поголема бара, одумира билниот и животинскиот свет, населенито од тој крај трпи разни последици… Не им е непријатно на македонските властите поради тоа? Не ги тера нешто министрите од внатре да се расрчаат и да бараат чаре?
Опоменуваат и апелираат жителите од ресенско, но конкретна реакција за спас на езерото од Владата нема. Опомена дека езерото е пред целосен колапс испратија деновиве и Македонците од Албанија кои живеат покрај езерото.
– Според последната состојба, езерото на одредени места е повлечено и до 300 метри од брегот“, стои во соопштението на македонското здружение „Илинден”.
Тие бараат македонската и албанската влада итно да реагираат.
Да потсетиме пред повеќе од 12 години имаше потпишување на Договорот за заштита на Преспанскиот регион, по кој Македонија, Грција и Албанија требаше да почнат да работат за доброто на Преспанското езеро. И од тогаш се прават се некои акциски планови. Беа усвоени и неколку документи: за воспоставување на Секретаријат на Комитетот за управување со „Преспа парк“ составен од членови од Македонија, Грција и Албанија, а направија и договор за начинот на кој ќе управува Секретаријатот. Потоа, пак почнаа да прават акциски планови…
Сега што ли се прави, анализа на акциските планови? Или може се прави упатство за рибите во Преспанското езеро како да преживеат на суво?