Кога се зацари христоборниот Дециј, Свети Трифун бил малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднел сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Најпосле мачителите го осудиле на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивнал во 250 година од нашата ера. Вака, според преданието, го завршил својот земски живот Свети Трифун, светител кого православните христијани во Македонија со низа верски и народни обичаи денеска го чествуваат и кој оставил силна трага во христијанската традиција.
Свети Трифун е роден во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството бил чувар на гуски. И уште од детството врз него била ставена голема Божја благодат и можел да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеел царот Гордијан, чијашто ќерка имала ментални проблеми. Ниеден лекар не можел да и помогне. Тогаш демонот прозборел преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикале и овој млад Трифун. Го довеле во Рим и тој ја исцелил царската ќерка. Царот богато го наградил Свети Трифун, но тој не го задржал добиеното богатство, туку веднаш го разделил на сиромашните, и самиот живеел скромно во своето родно место. Но, по смртта на царот Гордијан, кој бил трпелив спрема христијаните, во 249 година на власт дошол крволочниот цар Дециј Трајан, кој наредил да се прогонуваат христијаните. Сите оние кои не сакале да се одречат, ги фаќале, ги мачеле и убивале.
Светиот маченик не сакал да бега во пустината и пошол кај управникот на покраината Акилин. Тој му наредил да им се поклони на боговите, во спротивно ќе биде подложен на најстрашни маки. Свети Трифун ја одбил неговата наредба и бил одведен во Никеја, по што следувало неговото мачење. Кога виделе дека ни мачењата не помагаат, решиле да го посечат со меч. Но, мачителот претходно наредил да го врзат за еден коњ и така вржан бос да го поведат во планината. Од силниот мраз и студ почнале да му отпаѓаат меса и прстите од нозете, но тој тоа го трпел без збор и, наместо протест, од усните на овој маченик се слушнала молитвата за гонителите: „Господи не им го пишувај ова за грев“. Најпосле, на денот кога требало да биде погубен, св. Трифун ја предал душата пред џелатот да го стави мечот на неговиот врат. Тоа се случило на 14 февруари 250 година. Христијаните од ова место го зеле телото на маченикот и го пренеле во неговото родно место.
На овој ден, лозарите излегуваат да искројат барем една лоза и да ја полеат со вино, за грозјето да даде добар плод. Во повеќето краишта на Македонија, на денот на Свети Трифун рано наутро се одело в црква кадешто попот пеел молитва и светел вода. Луѓето оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ ги прскале лозјата. Потоа лозарите закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш“, а некаде лозарите тркалале бочви низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино. Постои и обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата со цел да се забрза заминувањето на зимата.
Именден на денешен ден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајко…
Верување е дека ако врне дожд на Свети Трифун, годината ќе биде плодна, а доколку времето е ведро, годината ќе биде сушна и неплодна. Едно од верувањата на народот е и дека со овој ден доаѓа пролетта, дека освен природата се буди и највисокото чувство кај луѓето, љубовта. Свети Трифун го слават и бројни еснафи, лозари, механичари, а страдањата на Свети Трифун се споменуваат и во литургиите.