Се сетија на езерата: Привремено ќе запре производството на струја од хидропотенцијали

Привремено ќе се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од овој владин ресор објаснуваат дека причина за ова се ниските нивоа на природните езера и вештачките акумулации во Македонија. 

-Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020г. е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минумум на котите, неопходен за живиот свет, се потенцира во соопштението.

Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите. Од наведените причини, на состанокот е заклучено АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги да набави електрична енергија преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд, до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес, соопштија од МЖСПП.

Во наредниот период, АД ЕСМ преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд ќе го развива купувањето и продавањето на електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум да се оствари поголем профит за компанијата и државата.

Претходна вестЗошто СДСМ инсистира на избори во Штип и Пласница, па макар и сами да учествуваат на нив?
Следна вестСоветничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје: Нивите на Шилегов среде градот…