Се слават врховните апостоли Светите Петар и Павле – Петровден

Со овој празник посветен на двајца врховни апостоли Петар и Павле завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. А и историски нивниот празник се утврди пред празникот посветен на 12-те, т.е. на сите апостоли. Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

Светиот апостол Петар е роден во селото (според други мало гратче) Витсаида на брегот на Галилејското Езеро. Потекнувал од рибарско семејство и еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. Првото име му било Симон, а кога Исуса го признал за син Божји, овој го нарекол Петар, што значи камен (карпа). Со тоа Исус сакал да каже дека својата црква ќе ја изгради врз верата на Петар што била цврста како камен. Како верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои не биле другите апостоли како на пр. при преобразувањето (Преображение), при воскреснувањето на Јаировата ќерка и сл. Петар предложил да биде избран нов апостол на местото на Јуда кој по предавството се обесил. Со коцка бил избран Матеј и со тоа бројот на Христовите апостоли пак станал дванаесет. Исто така, по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите кога овие се исполниле со него и започнале да зборуваат на разни јазици, а народот помислил дека се пијани, Петар одржал впечатлива беседа кажувајќи дека тие не се пијани туку дека се исполнети со Светиот Дух. По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата вера и само во тој ден се крстиле околу 3000 луѓе. Затоа што бил силен поборник и пропагатор на Христовата вера Петар бил трн во очите на еврејските свештеници, кои чекале погодна прилика да му се одмаздат. Еднаш на стари денови Петар дошол во Рим. Тогаш таму владеел Нерон, голем безбожник и тиранин, противник на христијанството, а христијаните ги фрлал во арените со лавови. Тој и апостол Петар го осудил на смрт, но кога сакале да го погубат со распнување Петар ги замолил да не го прават тоа зашто не е достоен да умре како својот учител Исус Христос, туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите така и направиле и на 12 јули (или 29 јуни според стариот календар) во 61 год., светиот апостол Петар во големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден исечен од противниците на христијанството е и светиот апостол Павле. Затоа Светата христијанска црква споменот на овие двајца апостоли го празнува во ист ден.

Апостолот Павле во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните, за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење. Роден е во гратчето Тарс, во областа Каликија во Мала Азија. Првобитното јудејско име Савле (што значи измолен) сам го променил во Павле (од римски павлус – мал, малечок). Родителите го дале на училиште и набрзо уште мал станал образован човек. Се занимавал со ќилимарство и од тоа живеел. Кога се појавило христијанското учење бил на страната на еврејските свештеници кои се бореле против оваа вера. Кога дошло до првиот судир во кој загинале многу Христијани и Савле бил на страната на еврејските свештеници, ги фаќал Христијаните и му ги предавал на судот. Учествувал и во каменувањето на св. Стефан Првомаченик, по што му ја зел облеката.

Но еднаш кога патувал за градот Дамаск за и тамо да се бори против Христијаните му се случило нешто што од корен го изменило неговиот живот. Одеднаш блеснала силна светлина и тој веднаш ослепел и паднал на земјата. Од светлината слушнал глас: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?” „Кој си ти?” – прашал исплашениот Савле. „Јас сум Исус кој ти го прогонуваш!” – одговорил гласот. „Господе, што да правам?” – запрашал Савле. „Стани и оди во Дамаск. Тамо ќе ти кажам што да правиш!”

Савле станал но ништо не гледал. Придружбата го одвела во Дамаск каде што останал три дена. На третиот ден дошол еден побожен човек кој му рекол дека е испратен од Исус да му каже дека е време да прогледа и да се исполни со Светиот Дух. Во тој момент му се вратил видот, тој се крстил и од најжесток противник на Христјанството станал негов најголем афирматор. Откако брзо ја изучил христијанската наука почнал да проповеда по светот и познати се четирите негови патувања низ Мала Азија, Балканскиот и Апенинскиот Полуостров. Заслужен е за покрстувањето на многу луѓе. Пишувал и посланици кои и денес во црквата се користат како свети книги и во нив ги упатувал верниците како треба да живеат за да ја имаат божјата наклоност. И во народниот говор и денес се вели „Од Савле стана Павле”, за некоја личност што од голем противник станал приврзеник на одредена дејност.

Светиот апостол Павле особено е значаен за Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера. Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ што е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ʼПремини во Македонија и помогни ни!ʼ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евенгелието.“ (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“ им рекла таа. Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Ете затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот кон Европа и светот. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги.

На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден така и Петровденскиот пост трае различно. Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

Именден празнуваат: Петар (Камен, Каменко), Петре, Петра, Петранка, Петруна. Следниот ден празнуваат: Павле, Пајо, Павлина…

Претходна вестИ вечерва се протестираше: Народ кренува глас и кажува „НЕ“ за разнебитувањето на Македонија
Следна вестСончево со мала до умерена облачност