Се слави Света Петка, заштитничка на жените која им помага на болните и сиромашните

Православните христијански верници денеска го слават денот на преподобната мајка Параскева – Света Петка, заштитничка на жените и светица која им помага на болните и сиромашните.

Култот на Света Петка се негува со векови во Југоисточна Европа, и го почитуваат и некои нехристијански народи на истокот. Верниците се молат за помош и спас од болести и други животни неволји. Денот на нејзиното упокојување е обележан со задебелена црна боја во календарот и претставува не само голем христијански празник, туку и еден од најчестите празници за крштевање, а многу верници ја сметаат за нејзина заштитничка (особено жени, деца и стари лица) и ја слават како прослава.

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите и беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш и се јави ангел Божји и и рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да и го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Покрај храмовите на Света Петка, често има извори на лековита вода што ја земаат луѓето, верувајќи дека тоа ќе ги залечи нивните рани и ќе ги заштити од болести.

Народните верувања велат дека на овој ден не треба да се пере облека, да се шие, да се работи напорна работа, особено жените не треба да го прават тоа.

На Света Петка се случиле големи чуда. Многу болни оздравиле. Затоа луѓето со здравствени проблеми го чекаат овој празник, верувајќи дека Св. Петка ќе им помогне.

Преподобната мајка Параскева ги теши и ги смирува верниците ако и покажат почит и ја посетат нејзината црква. Понекогаш им носи вести за лекување, но исто така делува и како гласник за пропаста.

Оваа светица се појавува и ги предупредува своите верници главно преку соништата. На нејзиниот ден, 27 октомври, многумина повикуваат на помош, палејќи темјан и заливајќи црвено вино на славски леб, споменувајќи ја во молитвите. Потоа ја пијат водата собрана од изворот во близина на манастирите посветени на неа.

Претходна вестСончево со малку облаци и топло до 26 степени
Следна вестСе вози пребрзо, без дозволи, не се дава првенство на минување…