Лекарската комора ги следи објавите на социјалните мрежи и изјавите на медицинските лица кои го компромитираат процесот на имунизација против ковид и наскоро ќе излезат со став околу овие појави.
Ова го кажа министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање околу дезинформациите што се шират на социјалните мрежи и од граѓаните, но и од медицински лица.
-Во однос на ширењето лажни вести во делот кога тоа го прават граѓани… Тие треба да знаат дека со лажните вести го загрозуваат јавното здравје и се доведува до сериозно оптоварување на болниците поради ширењето страв кај луѓето за да не се вакцинираат. Ние ги слушаме сите ставови и на протестите, но досега не сме слушнале издржана контрааргументација за вакцинирањето, бидејќи тие протести се проследени со навреди и закани. Но, во исто време имаме зголемен број граѓани што се вакцинираат, дневно се вакцинираат по 12 до 13 илјади. И тоа е сериозен глас на граѓаните. Во врска со медицинските лица што шират такви ставови, Лекарската комора сериозно ги анализира сите и наскоро ќе излезе со свој став, рече Филипче.