Се заканува ли нова епидемија на морбили, експертите предупредуваа уште во јануари!

Комисијата за заразни болести денеска ќе ја разгледува состојбата по дијагоностицирањето на првиот случај на морбили кај 13 месечно дете од Свети Николе. Со оглед дека станува збор за лесно пренослива заразна болест се очекува медицинските експерти од Комисијата да ја дадат и проценката за тоа дали се заканува и помасовно ширење на морбилите на подрачјето на целата земја. Од Центарот за јавно здравје – Штип, каде што е изолирано детето, смируваат и велат дека нема место за паника но, предупредувањата дека е можно помасовно ширење на морбилите беше дадено уште пред неколку месеци.

На јануарската седница на Комисијата за заразни болести експертите излегоа со предупредувањето дека е можно повторно избувнување на епидемијата на морбили во Македонија.

Портпаролот на Комисијата Злате Мехмедовиќ по седницата изјави дека родителите треба што повеќе да ги вакцинираат децата.

-Процентот на вакцинирани деца е далеку од посакуваното ниво од 95 проценти. Можно е да се појави епидемија на морбили, вакцинацијата е задолжителна, а родителите треба да го испочитуваат тоа и да го заштитат здравјето на своите деца, предупреди портпаролот на КЗБ.

Македонија во 2019 се соочи со епидемија на морбили, во која најмладата жртва беше шестмесечно бебе, кое почина како резултат на компликации. Причина за епидемијата беше ниското ниво на вакцинирани деца. Но, и во следните години опфатот на вакцинираните против мали сипаници, рубеола и заушки е далеку од потребниот процент од 95 проценти вакцинирани за да се постигне колективен имунитет и заштита во заедницата. Во текот на 2020 година се бележи исклучително низок опфат, 63 отсто за прва доза и 68,5 проценти за втората доза, на национално ниво. Опфатот во 2021 година е зголемен така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4 отсто, а за втората доза 80,4 отсто, но сепак не е задоволителен.

Претходна вестСлавјанка Влахчева – долг е списокот на направеното од првата медицинска сестра во Македонија
Следна вестПешаците стасаа до 37 казни, дванаесетмина возеле без дозвола…