Нови дојави за поставени бомби повторно ја прекинаа наставата по скопските училишта. Според информациите, електронските пораки стасале најмногу по скопските гиманзии. Но, како што се гледа од соопштението на МВР сега кругот на училиштата е многу поголем во споредба со дојавите од изминатиов период.
-Денеска (14.12.2022) околу 08.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на 15 училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, соопшти МВР.
Досега, дојавите за бомби најчесто биле испраќани на адресите на околу десетина училишта. Денеска, тој број е значително зголемен што може да значи и намера на испраќачите да предизвика што поголема вознемираност кај учениците и кај граѓаните.
Премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес-конференција изјави дека е скоро невозможно да се детектира од каде доаѓаат дојавите за бомби.
Тој појасни дека голем дел од дојавите се прават преку т.н. ВПН врски хостирани во странство.
-ВПН се виртуелни приватни мрежи хостирани во странски држави. Затоа се работи со партнерски служби. Ова е хибридна војна. МВР работи интензивно со партнерските служби. Да, секојдневно комуницираат. Со НАТО и другите земји со кои имаме соработка. Се прават анализи со службите за безбедност. Што се однесува за мерките по секоја дојава – тие мора да бидат спроведени по протокол, без импровизација. Одделот за антитероризам ги проверува сите училишта за да може да во најкус рок да се утврди дека се лажни дојавите, кажа Ковачевски.