Се зголемува бројот на заболени од Ковид, најверојатно ќе се обнови забраната за посети во болници

Во периодот од 22 до 28 јули, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрираше 78 нови случаи на ковид од вкупно 263 направени тестови. При секвенционирањето на позитивни примероци на САРС-ЦоВ-2, извршено во одделението за вирусологија при ИЈЗ, откриени се варијантите на Омикрон ЈН.1 (кај 23 примероци) и ЏББ (кај 9 примероци). Регистриран е и еден смртен случај, а стотици можеби се заразени без да знаат, бидејќи не се тестирале.

И покрај тоа што пандемијата не е завршена, во Македонија се забележува намалување на примената на мерките за заштита, како што се честото миење на раце и употребата на маски.

-Кај нас сѐ уште е на сила препораката од Комисијата за заразни болести (КЗБ) за забрана на посета во болници, воведена за време на сезоната на грип. Со оглед на зголемениот број на ковид случаи, најверојатно ќе се обнови таа препорака. Иако има зголемен број на прегледи на Инфективната клиника, случаите обично се со поблаги симптоми, изјави за „Локално“ директорот на Институтот за имунобиологија, д-р Александар Петличковски, кој е и претседател на Комисијата за заразни болести.

Симптомите на новите видови на ковид вклучуваат назална конгестија или течење на носот, воспалено грло, замор, главоболка, кашлица, губење на вкус и мирис, болки во мускулите или телото, треска, како и гадење или повраќање.

Поради зголемениот број на заразени со коронавирусот, минатата недела Хрватска ги забрани посетите во болниците. Слично, во Србија исто така има зголемен број на позитивни случаи, а вирусот е присутен во сите возрасти.

Од почетокот на ковид пандемијата, заклучно со 28 јули, во Македонија се регистрирани вкупно 350.808 заболени лица и 9.992 починати лица како резултат на болеста.

Претходна вестЌе се прави анализа на работата на сите државни и приватни универзитети и факултети
Следна вестТрајанов именуван за координатор за борба против тероризам, Грчева ќе го реформира високото образование, Котлар ќе раководи со Државниот архив…