Очекуваниот животен век на македонските граѓани во 2021 година изнесува 73,2 години, покажуваат податоците на Евростат. Тоа е за 1,2 години помалку отколку што изнесуваше очекуваниот животен век во 2020-та година кога беше проектиран на 74,4 години. Ова е трето намалување по ред, по пикот од 76,7 години во 2018, па падот на 76,6 во 2019 и 74,4 во 2020 година.
Инаку, во 2021 година очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ бил 80,1 година. Во 2019 година очекуваниот животен век во ЕУ достигна 81,3 години.
-Но, потоа се намали за 0,9 години на 80,4 во 2020 година и во 2021 година за дополнителни 0,3, веројатно поради неочекуваниот раст на смртноста од Ковид-19, објави на Евростат.
И во 2021 година во ЕУ очекуваниот животен век за жени е 82,9 години, и останува повисок споредено со тој кај мажи – 77,2 години, исто како и кај нас – 71,1 година за мажи и 75,5 години за жени.
Од земјите во регионот најмал очекуван животен век има Бугарија – 71,4 години, по што следи Србија со 72,8 години. Поголем очекуван животен век од нас има Црна Гора – 73,8 години, Албанија – 75,5 и Хрватска со 76,7 години.
Меѓу 2002 година, првата година за која се достапни податоци за сите земји членки на ЕУ, и 2021 година, очекуваниот животен век во ЕУ е зголемен за 2,5 години од 77,6 на 80,1 година. Растот е две години за жени и 2,9 години за мажите.
На ниво на држава, највисок очекуван животен век при раѓање имаат Шпанија – 83,3 години, Шведска – 83,1 година и Луксембург и Италија со по 82,7 години, додека најнизок Бугарија – 71,4 години, Романија – 72,8 години и Латвија – 73,1 година.
По региони во ЕУ во 2021 година највисок очекуван животен век имаат шпанските региони на Мадрид – 85,4 години и Навара – 84,8 години. Потоа следат Оландските острови во Финска со 84,6 години. Шпанските Кастиља и Леон – 84,3, како и италијанскиот регион Тренто со 84,2 и Стокхолм со 84,1 година.
Од друга страна најмал очекуван животен век имаат три региони во Бугарија – Северо-западен со 69,7 години, Северно-централен – 70,4 години и Југо-источен региони – 71 година. Потоа следи францускиот прекуморски регион Мајот со 71,5 години, па романските региони Север-источен – 72 години и Југо-источен – 72,1 година, како и регионот на северна Унгарија – 72,1 година.