Ниту 24 часа по поставувањето, не издржа решетката на улицата „16-та Македонска бригада“ во скопската населба Автокоманда. Веднаш е украдена.
Непознат сторител или повеќе лица, ја украле решетката која беше поставена на местото на претходната која, исто така, ја снемало. Кражбата, најверојатно, е извршена во текот на ноќта. Претходно, екипите на ЈП „Улици и патишта“ ја поставија решетката за да фреквентниот сообраќај на оваа улица кај кружниот тек во Автокоманда се одвива безбедно.
За овој случај на својот профил на социјалната мрежа информира и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
–Вчера екипите на Улици и Патишта поставија нова решетка на ул. 16-та Мак. Бригада по укажување на граѓаните дека недостига. Утрово, повторно е украдена. За жал, градски сообраќајни камери нема во близина, па случајот ќе биде пријавен во полиција, а нова решетка повторно ќе биде поставена. Вандализмнот и кражбите се сериозен фактор во градските политики и реконструкции. Понекогаш, ваквите кражби можат да имаат сериозно влијание врз безбедноста на улиците, па дури и да предизвикаат жртви, предупреди градоначалникот.
Очигледно е дека треба некој крадец да оди позади решетки, за да престане да ги снемува решетките. Но, тоа ретко се случува.