Сега пак, се предлага комбиниран модел на наставата независно од возраста на учениците

Владата нуди комбиниран модел за старт на учебната година онаму каде што се исполнети условите од веќе усвоените протоколи, информираа синоќа од Министерството по почетокот на протестот на средношколците.

На средбата со претставниците на средношколците новата министерка за образование Мила Царовска изјавила дека секаде каде се исполнети условите од протоколите, наставата ќе може да започне со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата. За таа цел е формирана Комисија од Владата којашто ќе утврдува дали се исполнети условите во училиштата.

-Сепак во објектите кои што не се во можност да ги исполнат протоколите, учебната година ќе стартува онлајн за што забрзано се работи на подготовка на единствена национална онлајн платформа. Во овие училишта, настава со физичко присуство ќе посетуваат само децата од прво до трето одделение, но и за нив е дадено правото на избор, за што родителите ќе треба да се изјаснат со писмена изјава, информираат од Министерството.

Средношколците вчера попладне одржаа протестен марш од Министерството за образование и наука до зградата на Владата незадоволни од одлуката за онлајн модел на наставата. Тие најавија дека ќе продолжат да инсистираат на комбиниран модел на наставата.

Претходна вестБарокот не се залепи, се тргаат скелињата од зградата на ЕСМ
Следна вестВо Куманово и Скопје разбиена терористичка ќелија под влијание на ИСИС