Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Прага побара реформи во ЕУ и посочи дека проширувањето е во интерес на Унијата, пренесува Макфакс.
Шолц јасно се изјасни за проширување на ЕУ и рече дека земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и во иднина Грузија припаѓаат на ЕУ.
-Тоа проширување е во интерес на ЕУ, рече тој.
Во говорот „Европа е нашата иднина“, Шолц се залагаше за сеопфатни реформи на ЕУ, нагласувајќи дека е потребно донесување одлуки од страна на мнозинството, посилна соработка во одбраната и казни за кршење на владеењето на правото, се со цел да се подготви за прием на нови членови.
Тој смета дека ЕУ треба да носи одлуки за надворешната и даночната политика врз основа на мнозинско гласање.
За потсетување, не така одамна францускиот претседател Емануел Макрон имаше резерви кон проширувањето на ЕУ додека не се изработи новата методологија за проширувањето во која ќе бидат земени предвид забелешките и барањата на Париз. Македонија мораше да го чека сетиот тој процес, и кога Макрон ја повлече резервата доби шанса да ја допре кваката од влезната врата на ЕУ.