Сејмени залудно го „ловеле“ Дедо Иљо Малешевски – со години ги казнувал оние што правеле зулуми врз македонскиот народ

Ајде, ред се редат, мале, ајде ред се редат, кочански сејмени…  Ајде, ќе го барат, мале, ќе го барат, Иљо арамија, мила мале…Така почнува народната песна испеана за „Царот Малешевски“, Илија Марков Поп – Георгиев, познат и како Дедо Иљо Малешевски кој е често именуван и како „последниот македонски ајдутин“, во втората половина на 19 век.

Денеска се навраќаме на овој голем заштитник на македонскиот народ затоа што неговиот живот згаснал токму на 29 април во 1898 година. Инаку тој е роден во Берово во 1805 година. Освен во својот крај Иљо зема и учеството во војните во соседните држави насочени против турската власт.

Својата прва ајдутска дружина ја основал кон средината на 19 – ти век. Претходно, пред своето одметнување, Иљо се занимавал со земјоделство и други општи работи во Берово и низ Македонија. Уште во овој период, Иљо бил шетан човек, познавал повеќе луѓе и се научил и свикнал да предводи луѓе, да се расправа со османлиските бегови и да се пресметува со разбојниците.

Иљо пред да стане ајдутин, при спасувањето на својата сестра од потурчување, убил еден од Турците и се засолнил во Рилскиот манастир, каде што станал чувар на манастирските имоти. Две години по враќањето на Иљо од Рилскиот манастир, некои од беровските Турци решиле да се пресметаат со него затоа што сметале дека тој ги извршил сите убиства на Турците и сите палежи во Берово, па морал повторно да се одметне за да ги избегне турските полицајци – сејмени..

Потоа, со својата дружина го чувал својот крај од разбојниците, ги придружувал трговците и карваните по опасните патишна и одвреме навреме ги казнувал насилниците за нивните злосторства, вршени врз христијаните. Затоа Турците го сметаат капитан Илија за разбојник и месните началства постојано се трудат да го фатат, но поради доброто расположение на христијанското население од областа, тој лесно се крие пред прогонувањата… походите на Иљо се многубројни. Иљо избрал 15 души и ја формирал својата ајдучка дружина со свое знаме кое имало сива боја. Иљо имал и сопствен печат со натписот: Капитан Иљо Марков.

Во 1860 година, Иљо со својата чета се префрлил во Србија, каде нашол погодна почва дејствување и каде српскиот кнез направил центар на востаничката и националната активност на Балканот. Во 1861 година се вклучил во Првата бугарска легија. Во јуни 1862 година, на Чукур чешма дошло до инцидент помеѓу турското и српското население, а Османлиите го бомбардирале Белград. Тогаш Иљо војвода го носел знамето на Легијата и го предводел батаљонот, меѓу кој и 400 македонски доброволци вклучени во т.н. „Иљова легија“ или „Македонски одред“. Со својата отвореност и добродушност, со црврстата воља и карактер, како и со херојските подвизи, Војводата Иљо ги восхитуваше и Србите и Бугарите.

 

Руско-турската војна, пак, го затекнала Иљо во болница. Со незалечени рани заминал за Свиштов каде се ставил на услуга на руската команда, која му го доделила чинот капетан и му доверила една чета. Во почетокот на 1878 година, дедо Иљо Марков со 150 македонски доброволци учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Тој бил пречекан со големи почести од месното население. Го собрал оружјето од Турците и помагал во организирање на месната власт.

Дедо Иљо со семејство останува да живее во Ќустендил и не престанува да се интересира и да работи за слободата на македонскиот народ. Со својата чета од 200 до 300 востаници учествувал и во Кресненското востание во 1878/79 година, на десната страна на реката Струма. Во 90-тите години, кога почнува активно дејствување на македонската револуционерна организација во Македонија и Одринско, Иљо војвода со интерес ги следел настаните и ги помагал револуционерите. Тој дава вредни совети за изградба на организацијата на ВМОРО.

Претходна вестПроменливо облачно со попладневен дожд
Следна вестИнцидент во Аеродром: Пукал во познаник, но не го погодил