Села побара од Груби да се повлече од политиката и да се соочи со обвинувањата

Пратеникот и член на коалицијата Европскит фронт, Зијадин Села се огласи во јавноста по ставањето на неговиот колега од опозицијата, Артан Груби на црната листа на САД со санкции. Тој ја поздрави одлуката на Стејт департментот.

-Алијансата за Албанците во континуитет е еден од политичките актери кои јавно ги осудува врските на судството со политиката и олигархијата, затоа и денеска ја поздравуваме неодамнешната одлука на САД, најважниот стратешки партнер на Македонија и албанскиот народ.

Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани, објави Села на социјалните мрежи.

Според Села, индивидуалната одговорност е камен-темелник на една модерна, непристрасна и демократска држава.

-Алијансата за Албанците и јас, како нејзин претседавач, остануваме доверлив и лојален партнер на САД, споделувајќи ги заедничките вредности на демократијата, слободата и изградбата на владеењето на правото, се додава во објавата на лидерот на АА.

Американскиот Стејт департмент воведе санкции за поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата на Апелациониот суд во Скопје, Енвер Беџети, за вмешаност во значителна корупција.

Во соопштението објавено на веб-страницата на Стејт департментот, Груби и Беџети се меѓу 14-те лица во неколку земји и членовите на нивните семејства кои Стејт департментот ги назначи во понеделникот како вклучени во значителна корупција што ги прави неподобни за влез во САД.

Се прецизира дека Груби и Беџети биле ставени на популарно наречената „црна листа“ затоа што примале мито за да ја поткопаат судската постапка во врска со кривичната пресуда на Саша Мијалков, поранешниот директор на ДБК.

Мијалков беше ставен на црната листа во 2022 година за значителна корупција по истиот член 7031 од Законот за надворешни операции и сродни програми на Стејт департментот, според кој беа санкционирани и Груби и Беџети.

Заедно со санкциите против Груби, Стејт департментот воведе и забрана за влез во САД на членовите на неговото потесно семејство.

Претходна вестПопладнево ќе се протестира во Скопје за чист воздух
Следна вестЧаир се жали: Каменуван ни е автобусот, вандалски чин спротивен на спортските вредности