Без инциденти и конфликти поминала изминатава ноќ на северниот дел на Косово каде деновиве ескалираа тензиите меѓу косовските власти и српското население. Косовските Срби кои протестираат поради апсењето на бившиот полицаец Дејан Пантиќ и натаму се на барикадите, а северот на Косово е блокиран, при што преку административните премини Брњак и Јариње не може да се помине ни пешки.
Од Јариње до Звечани има неколку барикади, а најмногу луѓе има на барикадата кај Рударе, кај крстот, каде сообраќајот од Звечани кон Приштина е целосно блокиран. Барикада е поставена и на патниот правец Митровица – Зубин Поток, кон точката Брњак. Како што е најавено, училиштата на северот на Косово денеска нема да работат.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика Србите на северот на Косово да бидат мирни и сталожени, да не наседнуваат на провокации и да ги почитуваат КФОР и ЕУЛЕКС. Училиштата во северниот дел на Косово и денеска ќе бидат затворени.
Косовската полиција целосно го забрани движењето преку премините Брњак и Јариње, додека припадниците на специјалните косовски сили РОСУ упаднаа во објектот на големата брана Газиводе, каде што ги искинале српските знамиња.
По 21 часот се слушнале истрели и детонација во Рудар кај Звечани, но не е познато кој пукал. Таму и натаму има барикади, но ситуацијата е мирна, велат српските медиуми.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно го повика КФОР да ја гарантира слободата на движење, наведувајќи дека „барикадите се организирани од криминални групи кои пукаат во косовската полиција и полицијата на ЕУЛЕКС.
Поради последните случувања во Косово, Вучиќ синоќа свика седница на Советот за национална безбедност, истакнувајќи дека вчерашниот ден му бил најтешкиот досега.
-Ова се драматични денови, за кои ние не сме виновни. Косовската полиција нема никакво право да биде на северот на Косово. Белград не нареди да се постават блокади, кажа Вучиќ.