Учебната година ја почнуваме далеку поподготвени од неколкуте изминати години, учениците од првиот ден ќе имаат учебници и помошни материјали, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
На прес-конференција на која направи осврт за работата на МОН тој рече дека интензивно се работело на новите наставни програми за прво, второ, четврто и петто одделение. За нив Бирото за развој на образованието подготвило интересни и интерактивни содржини и се изработуваат нови учебници. Тие со во различна фаза на одобрување, а за да учениците имаат од што да учат, подготвени се бесплатни материјали за учење за првото тримесечје.
Министерот рече дека за капитални инвестиции во образованието буџетот е над милијарда денари, односно, два и пол пати повеќе од претходните години. Во текот на летото е завршена реконструкцијата на оние каде што активностите ги затекнал, а уште 20-ина се реконструираат во моментов – основните „Јашар Беј“ во Чаир, „Гоце Делчев“ во Струмица, „Дитурија“ во Сарај, „Страшо Пинџур“ во валандовско Јосифово, „Прпарими“ во Чегране… и средните „Таки Даскало“ во Битола, „Орде Чопела“ во Прилеп, „Киро Бурназ“ во Куманово итн. Се градат неколку училишни објекти во Визбегово, Долно Јаболчиште во Чашка, во Волково и Хром во општина Ѓорче Петров.
-Дел се изградени, а особено драго ми е што го завршивме новото училиште во Долно Блаце во Чучер Сандево каде што нашите ученици одеа преку границата и учеа во Косово бидејќи во своето родно место немаа училиште. Тоа повеќе нема да го гледаме. Од буџетот на МОН се обезбедени средства и за изградба на објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери“ и во координација со локалната самоуправа ќе го решиме овој децениски проблем. Градиме и неколку спортски сали и за уште неколку ќе почне изградбата наскоро, рече Шаќири.
Тој рече дека со СОНК е постигнато, како што рече, историско покачување на платите за наставниците за 15 проценти кои ќе ги добијат со септемвриската плата. Со синдикатот ќе следува дефинирање и потпишување нови колективни договори за основно и за средно образование и дијалог за политики за подобрување на квалитетот на образованието.
Зголемен е и бројот на образовни асистенти финансирани од буџетот на МОН кои ќе работат со ученици со атипичен развој вклучени во редовната настава – од 500 лани, оваа учебна година ќе бидат 720. Одвоени се и 218 милиони денари само за проекти на јавните научни установи и опремување на лабораториите.
-Ова во минатото не постоеше, а сега веќе е направен крупен чекор за поддршка на научно-истражувачката работа. Во високото образование е потребна поголема координација со автономните установи, тоа е мое лично видување и јас ќе направам се што е во моја моќ да се обединиме и конечно да видиме подобри резултати на светските ранг листи на универзитетите, рече Шаќири и посочи дека се работи на измени на Законот за високо образование на кои укажала академската и научната фела.
Потенцираше и дека се работи на јакнење на студентскиот стандард, се воведуваат стипендии за студенти кои се запишуваат на дефицитарни струки.