„Шанса за Центар“ и Општина Центар во кавга околу локацијата кај “Треска“

Се случува ли бетонизација или не на подрачјето на поранешната фабрика „Треска“ во поширокото централно подрачје на Скопје? Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ денеска обвини дека такво нешто се подготвува да се прави откако општина Центар деновиве ги издаде првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот „Треска“.

-Со тоа се дооформуваат парцели што е чекор пред издавање на градежни дозволи. Потсетуваме дека 47 отсто oд целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година. Со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи, обвинија од „Шанса за Центар“ којашто во Советот на Центар има тројца советници.

Оттаму укажуваат дека по само година и пол владеење во Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски се става над прописите и законите и своеволно одлучува да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината.

– На 18.2.2020 година, Советот на општината донесе заклучок за урбанистичко решение по пат на објава на конкурс за локацијата на фабрика „Треска“, а според Законот за локална самоуправа и Законот за урбанистичко планирање. Тој конкурс треба да се вклопи во ново урбанистичко решение за овој локалитет. Зошто јавниот интерес целосно се игнорира за сметка на приватните интереси на градежни фирми и поединци со влијание? Јавно го прозиваме да објасни што му дава сила да игнорира и не спроведува одлуки на Совет, велат од Шанса за Центар.

На ова одговорија од Општина Центар при што се наведува дека нема никакво бетонизирање и отуѓување на земјиштето.

-Најостро ги отфрламе изнесените лаги и манипулации со површината на државното земјиште. На површина од 41.000 м2, 47 отсто е државно земјиште, од кое само околу 10 проценти е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општинатам. Останатите 37 отсто се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи да на просторот биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20 отсто на парцелите. Не само што нема бетонизација, туку се обезбедува парк и повеќе зеленило како и јавни површини. Понатаму, новото раководство на Општина Центар преку Град Скопје поведе постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2. Носењето на овој план значително би ја олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката Треска, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот, истакнуваат од општина Центар.

Наведуваат дека сѐ до носењето на ваквиот регулациски план, општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците.

-Второ, „Шанса за Центар“ повторно се зафатија со бранење на конкурсот кој го распиша Јана Белчева, која претседаваше со Советот на општината и која сама знае дека во реалноста не може да се реализира. Нема ниедна законска можност, ниту пак тој конкурс е спроведен согласно закон, за истиот на било кој начин да се користи, наведуваат од Центар.

 

Претходна вестДевет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со безбедносен сертификат, бараат Ковачевски да им го достави договорот за „Бехтел и Енка“
Следна вестБраво: Македонскиот борач Могамедов освои бронзен медал на европско првенство