Близу 700 јавни објекти во државна и општинска сопственост се уште се греат на нафта и мазут, а со што го загадуваат воздухот, предупреди денеска граѓанската иницијатива Шанса за Центар. Ова Иницијатива, којашто има тројца советници во Советот на скопската општина Центар, објави детална мапа на којашто се гледаат локациите каде се наоѓаат овие јавни објекти.
-Само во Скопје мапиравме над 100 јавни објекти – болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи кои користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење. По скопското мапирање, продолживме со обележување на такви објекти низ цела Македонија. Најдовме близу 700 такви објекти! Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар…речиси никој не е поштеден, објави од граѓанска иницијатива на своја Фејсбук-страница.
Оттаму предупредуваат дека во текот на оваа година не е направена промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима.
-Ако не сакаме да дишеме воздух кој светските медиуми го опишуваат дека „мириса на изгорена пластика“, сега е шансата да се направи промена! Се подготвува новиот државен буџет за 2024 година што е можност да се обратите до пратениците од секоја изборна единица и заедно да притискаме за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот! И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти, се наведува во укажувањето на Шанса за Центар до граѓаните.
Се наведува дека за загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут и дека за нивното загревање за една сезона граѓаните преку Буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра.
Фото: Архива