Оглас за вработување на вкупно 23 државни службеници за потребите на Град Скопје е распишан завчера од страна на државната Агенција за администрација. Се бараат административци од различни профили кои за ангажманот ќе добиваат плата и до 33.000 денари. Така, на пример, се бараат тројца соработници во Секторот за даноци на имот и комунални такси, еден соработник за прописи во Оделение за норматива, соработник за аналитика за јавен превоз, двајца референти за геодетски работи, по еден раководител на Одделение за заштита и спречување од загадување на водата и почвата, еден советник за спроведување активности од областа на изградба и функционирање на пречистителни станици…
Значи, нови вработувања во градската администрација која сега брои 643 вработени (заклучно со 2019 година) а во сите градски служби и претпријатија и установи бројот на вработените изнесува 8. 098 лица. А да потсетиме, само пред две години скопскиот градоначалник Петре Шилегов се пожали дека има вишок од околу 1.200 вработени.
-Имаме 1.200 административци повеќе од она што ни е потребно. Веднаш ќе потпишам во „Градски паркинг“ да останат само 130 вработени кои се стручни и тогаш веќе нема да треба да вработувам нови. ЈСП „Скопје“ има 700 административци, или повеќе отколку што има возачи. „Градски паркинг“ јас кога станав градоначалник имаше 237 вработени, а сега има 258. Од нив половината се вишок и слободно може да си одат, рече Шилегов на една седница на Градскиот Совет.
Но, оттогаш скоро ништо не се направи да се реши овој вишок. Напротив, постојано се случуваа нови вработувања како што тоа се прави и сега. Останува прашањето, дали во Градот Скопје слушнале за институт на „преземање“ на вработените од некое градско претпријатие? Па на тој начин, со прераспределување на вишоците, да се решава проблемот со големата администрација. Дали, навистина, во вишокот од 1.200 вработени немало кадар кој би можел да биде „соработник за канцелариско работење и архива“, за какво што сега се распишува оглас и се предвидува платата од 22.047 денари?