Шилегов наместо автобуска да направи функционерска лента

Кога Кралицата се движи низ Лондон ретко кој може и да забележи. Можеби само возачите на автомобилите кои застануваат покрај нејзиното возило на црвено или пак пешаците кои се пропуштаат на пешачки. Сообраќајот функционира нормално за лондончани. Кога пак нашите „кралеви” се движат низ Скопје – се е блокирано.

Фрчат сирени, пиштат полициски свирчиња, се блокираат сите раскрсници – поминуваат „нивните величества” – нашите функционери. И пазете, ги има многу и цело време некаде одат низ Скопје.

Е зошто мора цело Скопје да стои за тие да поминат комотно? Аман веќе!

Барам оваа ситуација да се смени најбрзо што може! Сите ние кои чмаеме на крстосници во долги колони сме тргнале со обврски што не трпат ненајавени одложувања, доцнења… Што ли си мислат тие, само они некаде треба да стигнат?
За промена, нека пробаат барем една недела да се движат како нас – како обичниот народ, на кого постојано се повикуваат. Нека застанат на црвено, нека чекаат во колона, нека пропуштаат пешаци, малку и нека се нервираат од некоректните возачи, како сите ние. Така ќе видат и кои се проблемите на скопјани, со кои се соочуваат секојдневно кога одат на работа, на училиште, на факултет… Нека видат колку дупки има по улиците… Само ги молам првиот пат кога тоа ќе го направат нека најават, за ние да ставиме две – три блокади и пренасочувања, па да видат како е…

Се е блокирано, колони возила на булеварите не мрдаат со часови, нервозни граѓани. Луѓето доцнат на работа, не стигаат да си ги земат децата од училиште или градинка, пропуштаат погреби… Среќа што нашиве кралеви во последно време и не се така омилени домаќини, па ретки им се посетителите од странство – тогаш ептен правеа застои.
А да им дадам идеја: Што не си направат некој репрезентативен објект надвор од Скопје, па таму нека си ги примаат делегациите. Скопјани не заслужуваат да бидат тормозени заради доаѓањето на „кралските” гости.

Ако нашите функционери се движат како обичните луѓе можеби ќе го забележеа и проблемот што го направија нивните градоначалници, кога сега предизбори им објавија „војна” на скопските улички. Буквално ораат, прекопуваат, гребат асфалт, цртаат, само за да се покажат дека нешто работат. Божем мандатот трае само овие два-три месеца пред избори, а не четири години. Скопјани се гушат во сообраќајниот хаос од предизборна офанзива и со право се прашуваат: “не можеа ли да ги реконструираат улиците лани, кога заради короната бевме затворени со полициски час и жив човек немаше на улиците”. Ама лани е далеку од изборите, па граѓаните немаше да се сеќаваат дека градоначалниците се вредни.

А можеби ќе сфатат и дека проектот „Брз автобуски транспорт” на Шилегов нема да биде функционален и наместо да го реши сообраќајниот метеж уште толку ќе го загуши градот. Впрочем и бројни експерти и граѓани го кажуваат тоа. Ако пак толку многу сакаат да се возат со придружба, може ќе го убедат скопскиот градоначалник лентата за брзиот транспорт да ја пренамени во лента за функционерски возила. Па нека си се возат колку сакаат, само да ги остават скопјани на мир за нормално да функционираат.

А за тоа дека од нивните пречести развозувања со скапи возила и немаме некое фајде како држава – во друга прилика. Многу има да се кажува за нивните обиди да направат народот да пие нафта.

Претходна вест„Пајакот“ во Центар за една недела кренал 76 возила
Следна вестОд денеска, секој вторник авиолинија Скопје-Санкт Петерсбург