Шилегов: Спомениците од „Скопје 2014“ да ги однесеме на местото на дивата депонија во Ѓорче Петров

Спомениците од проектот „Скопје 2014“ да се однесат во мементо-паркот кој може да се направи на местото на неодамна расчистената дива депонија во Ѓорче Петров, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој вака одговори на прашање на заедничката прес-конференција со скопски општински градоначалници на која беа промовирани заеднички инспекциски тимови.

Мораме да биде внимателни, да не предизвикуваме нови поделби и револт во општеството. Треба да имаме меѓусебна почит без разлика дали некому му се допаѓа ‘Скопје 2014‘ или не. Скопје не е град како што сега изгледа центарот, ниту бил, ниту некогаш ќе биде. Но, мора да почитуваме дека некои луѓе сакаат тоа да го гледаат и со ваков парк ќе им го овозможиме тоа. Да не бидеме брутални во отстранувањето туку да имаме еден општествен помирувачки процес, рече Шилегов.

Тој додаде дека ова би било по примерот на познатиот Мементо парк во Будимпешта,  кој е музеј под отворено небо. Таму, на почетокот од 90-тите години беа префрлени сите монументални статуи од комунистичкиот период на Унгарија (1949–1989), меѓу кои и оние на Ленин, Маркс, Енгелс, како и на неколку од унгарските комунистички водачи.

– Депонијата во Ѓорче Петров е веќе расчистена. Идејата е по примерот на Мементо парк. Сите статуи на Сталин и од комунизмот Унгарците  ги имаат ставено таму па и ние тоа да го направиме со оставштината од нашиот мал диктатор. Донациите од здружението „Попадинци“, не биле платени кога се подарувале и затоа треба да се дислоцираат, рече Шилегов.

Претходна вестЃоргиев до бугарскиот колега Димитров: Да се подредува нашата работа на политички барања е неприфатливо
Следна вестЛевица со амандмански велигденски јајца го потсетува Џафери кога со недели молчеше во парламентот