Смртноста на Клиниката за кардиохирургија не е зголемена, туку има тренд на намалување, нема пациенти фантоми, кои не се заведени никаде, туку има грешка во врската со „Мој термин“. Вчерашните разрешувања што ги направи министерот Илир Демири се незаконски, а сите случувања се оркестриран напад на државната кардиохирургија со цел да се уништи оти тоа некому не му одговара. Вака разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски, одговори на обвинувањата и разрешувањата од министерот за здравство.
-Моето разрешување е незаконско бидејќи во мандатот на техничката Влада не може ниту да се именуваат ниту да се разрешуваат раководители. Ги повикувам релевантните институции, кои треба да се грижат за законитоста во оваа држава, да реагираат. Дополнително, министерот за здравство го разреши координаторот за развој на кардиоваскуларната хирургија при Министерството, Александра Ефтимова. Истовремено, му го прекина договорот на координаторот за срцева трансплантација при Министерството, Адријана Георгиев. Оттука се наметнува нашето прашање дали се работи за оркестриран напад против државната кардиохирургија, а со тоа и напад на јавното здравство. Која е потребата на министерот во заминување да направи едно вакво тектонско изместување на една успешна приказна? Кому тоа му одговара?, праша разрешениот директор Шокаровски.
Според него, министерот во заминување, под изговор дека се грижи за работењето, ја крие намерата да се дискредитира и наруши угледот и на клиниката и на тимот, кој неуморно ги третира најкомплицираните случаи во македонското здравство. Шокаровски вели дека сите бројки за смртноста изнесени во некои медиуми се неточни и шпекулативни, а комисијата што ја формирал министерот Демири била составен од лекари што немаат никаков контакт со кардиоваскуларни пациенти.
-Во јули 2023 објавено е дека се оперирани 12 пациенти. Податокот не е точен, оперирани се 22 пациенти. За август податокот е дека се 11, а оперирани се 14 пациенти. За октомври податокот е дека се оперирани 8, а оперирани се, всушност, 16 пациенти. Вкупната разлика е 21 пациент во презентациите. Очигледно изворот на податоци ги довел во заблуда и дал погрешни бројки, а тие не се потрудиле да ја чујат другата страна, што е основен принцип во објективноста на информирањето. Токму поради ова направивме сопствена статистичка експертиза со помош на експерти во областа. Од анализата дојдовме до објективни заклучоци, кои ги побиваат сите претходно изнесени невистини од страна на министерот во заминување, како и од одредени медиуми. Прво, не е точно дека се зголемила смртноста откако јас сум назначен за раководител на институцијата. Прецизната статистичка анализа покажува дека нема значајно зголемување на смртноста, од една страна, а има значајно зголемување на тежината на комплексноста на пациентите околу 20 %. Второ, постои тренд на намалување на смртноста во текот на месеците. Последните пет месеци покажуваат дека нашата смртност е помала од предвидената, односно пониска, подобри сме од она што се очекува, рече разрешениот Шокаровски.
Нивната анализа покажала и дека не постојат 170 фантомски пациенти за кои нема ниту оптупсни писма ниту умреници, а за што обвини министерот Демири во понеделникот.
-Најостро ги демантираме овие невистини. Нашата анализа и контактите со ‘Мој термин’ покажуваат дека постои техничка грешка во пренесувањето информации од софтверската платформа, која ние ја користиме за евиденција на пациентите, до платформата ‘Мој термин’. Отпусните писма на некои од пациентите не се пренесени во ‘Мој термин’ поради овој софтверски пропуст. Овие пациенти не се ниту скриени ниту фантомски избришани. Сите тие имаат уредни детаљни отпусни писма, што секако може да се провери. Проблемот не е од денес-вчера, подолго се провлекува, уште пред јас да бидам назначен за директор, објасни Шокаровски.
За најбезобразна лага тој ги смета шпекулациите дека клиниката не произведувала кадар, туку само професори, за што ги повика надлежните институции и министерствата за здравство и образование да реагираат оти, како што рече, некој се охрабрува да го преиспитува Медицинскиот факултет.
Шокаровски предложи да се направи ревизија на дипломите на сите лекари не само во јавното туку и во приватното здравство за да се стави крај на самопромовирањето во експерти во кардиохирургијата. Предложи ревизијата да почне од Клиниката за кардиохирургија.