Властите со месеци трубат дека без уставни промени нема да сме ја фателе кваката од влезната врата во ЕУ. И чекаат тоа да се случи за да не внеле во Унијата. Ама од Брисел стасуваат пораки дека и реформите се многу важни. До каде е Владата со реформирањето, да речеме, на образованието и здравството? Министрите ги доближија ли овие важни области до европските стандарди?
Власта води кампања „Ние сме Европа“, владините функционери секојдневно ја повикуваат опозицијата да се премисли и да гласа за уставни промени, ама слабо се слуша за тоа што прават со реформите. А последната порака од ЕУ гласеше:
– Проширувањето на ЕУ е политички приоритет за ЕК, но тоа е процес заснован на заслуги. Еврокомисијата не е фокусирана на датуми, туку на блиска соработка со земјите кандидати за да се подготват за влез во ЕУ, изјави неодамна портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант.
Се прават ли реформите, се прават ли промените со кои во Македонија ќе се применуваат европските стандарди? Сите сили на СДСМ и ДУИ се впрегнати за уставни измени, а зошто не се сите сили впрегнати за подобрување на урнисаното здравство и образование? Реформа ли е и европски стандарди ли се неодамнешните скандалозни случувања во Судскиот совет, во Јавното обвинителство? Подобрување ли е на состојбите во образованието завчерашното откритие на Комисијата за антидискриминација дека учениците во основното образовани од 126 учебници им недостасуваат дури 43, дека учениците од трето и шесто одделение немаат ниту еден по задолжителните предмети, дека недостигаат 34 проценти од учебниците, и дека само учениците од прво и второ одделение ги добиле сите учебници… Или, европски ли е стандард на државната Клиника за онкологија да не се даваат соодветни лекови на болните од карциноми туку да се препродаваат на други лица, или што новопечени бизнисмени блиски до владеачките партии ги добиваат милионските тендери тоа што корупцијата и партизираноста никако да се искоренат од државата, или?
Преокупираноста на СДСМ и ДУИ со уставните измени треба да стивне, а да порасне преокупираноста околу средување на состојбите вп сферата на правдата, здравството, образованието, економијата… области кои што многу ги засегаат граѓаните им се потребни промени со цел граѓаните да почувствуваат дека во нив се прават промени коишто ќе им донесат европски стандарди.
Може ли и сака ли власта да се сврти кон вистински реформи или и понатаму Уставот ќе им биде главна тема и оправдание дека нешто работат?