Ќе им помогне ли на граѓаните вчерашната кавга на шефот на државата Стево Пендаровски со министерот за здравство Венко Филипче за тоа дали вакцинирањето на нашите граѓани во Србија било срам или солидарност, како и за тоа кој колку придонел за набавка на вакцините? Ќе помогне само за да се види какви лица ја водат Македонија, но не и да дојдат толку потребните вакцини.
Со вакцинирањето бајаги се доцни, има малку вакцини, големи набавки се уште се неизвесни, институциите повеќе креваат рамена отколку што прават нешто, а секој ден доцнењето на вакцини се плаќа за жал дури и со човечки животи.
Кога се има таква ситуација, јавноста малку ја интересира дали шефот на државата ќе оцени дека е „срам за државата вакцинирањето во Србија“, а притоа тој е највисок претставник на истата таа држава за чии што граѓани и тој треба да се грижи и набавува вакцини. Или, кое е фајдето ако граѓаните чуват тоа што министерот вели дека тој набавил толку и толку вакцини, а се знае дека тоа е минимално и со големо задоцнување.
Тогаш, крајно неумесни и непотребни се меѓусебните префрлања и обвинувањата пред јавноста од чиј кабинет било телефонирано до производителите на вакцините, дали некој донел нула или 24.000 вакцини кога јавноста ја виде немоќта на наши државни функционери да обезбедат вакцини. А примери за моќта и влијание на функционери од други држави, како на пример од Србија, Израел… имаше.
Но, тоа е реалноста која зборува за позициите на нашите државници и тие изморената јавност сега не треба да ја замараат со вадењето на валканите алишта за тоа кој што и колку направил. Всушност, кавгите од ваков тип требаше да се случат отпорано, уште кога почна светска трка по набавка на вакцини. И да се случуваат во кабинети, во интерни контакти, на седници на Советот за безбедност, Кризниот штаб и други тела за да се дојде до целта. Тогаш требаше да се расправа и решава дали да чека само на „западните“ вакцини или да се нарачуваат и од „источните“, од Русија, Кина… за што имавме благовремени понуди. Ако тогаш имаше вакви кавги, сигурно сега ќе имавме доволно вакцини. Вака, кавгите од овој тип само уште повеќе го ослабнуваат имунитетот на граѓаните.