Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Народната сила е неверојатна и неоспорна! Ако е доволно голема може сè, ако е пак, недоволна и мала ѝ можат другите сè. Така е и со нас, ние Македонците во историјата сме искусиле и од двете можности.
Но, за среќа вчерашниот народен собир, масовниот протест од различни луѓе, групи, здруженија, организации со различни стремежи и идеи, барајќи сложно правда и праведност, слобода, го покажа најубавиот израз на народната сила. Затоа и нападите од другата страна, онаа властодржачката, беа без аргументи со клевети и подзасилени со повикување на „меѓународната заедница“ и нејзиниот авторитет!
Уф, ама биле силни и моќни… па и малите деца веќе им се смејат! Затоа, овде е местото уште еднаш да се потсетиме на ликот побратимски и на авторитарната северна власт! Тие со својот триумфалистички настап и политика ги прекрстија македонскиот народ и неговата држава – „Северена“. Асномските државотворни одлуки ги пеплосаа, со невешти и недоквакани договори – Охридски, Преспански, Бугарски и други, заради народносно, јазично, културолошко, идентитетско и суверенистичко негирање на македонската содржина во современото живеење.
Македонскиот народ, пак, сака да е свој на своето, да е здрав и да има со работа, а не да му ги затвораат и крадат фабриките, да е слободен, без арамилак и насилство (духовно, морално или физичко), без ограничувања и без протекторати, без престапнички и лицемерни партнерства, без егзодуси, eмигранти и контрабанди.
Неговата здружена порака е дека работи исклучиво за македонска кауза, говори и пее на македонски јазик, има своја историја – не заедничка, со што е дел од општоцивилизциската и светската баштина, а во семејството на нациите бара да опстојува достоинствено, рамноправно и еднакво како и другите, без преседани од светски размери.
Затоа неговата борба е посветена, достоинствена, смела и продoлжува во сите услови, за живот, за подобро утре и за македонско изгрејсонце!