Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност, еден е од ставовите содржани во текстот на резолуцијата со која опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара државен консезус во однос на преговорите со Бугарија. Оваа најголема опозициска партија во следните денови во Собрание ќе го предложи текстот на предлог резолуција која што ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позиции по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет.
На почетокот на предлог-документот се наведува дека тој тргнува од јасно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдум за сопствена, самостојна, суверена и независна држава, и силно почитувајќи ги позициите на Сoбранието за утврдените евроатлантски стратешки цели и во контекст на наметнатите билатерални пречки на патот на нашето интегрирање во Европската унија.
-Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет, се наведува во првите ставови на предложената резолуција.
Натаму се потенцира да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:
-Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет. Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор. Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам, се потенцира во документот.
Се бара и процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.
-Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи. Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите органи задолжени за надворешната политика да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа Резолуција, стои во предлогот.