Што стимулираат субвенциите во земјоделството: развој или пропаст?

Колумна на Габриела Арсова:

 Со доаѓањето на пролетта активно започнуваат земјоделските активности. Орање, сеење, кроење… големи, мали, овоштари, лозари, земјопреработувачи – сите се по насадите посветени на работата. Но, дали? Епа не баш сите.

Еве на пример, кога патувате сте забележале ли необично закржлавени дрвца крај патот? Цели насади? Знаете колку тажно и мачно изгледаат за луѓето од фелата овошни насади кои не се обработуваат? Не се одржуваат? Сигурно сте ги виделе и вие крај патиштата. Ги гледаат и тие кои треба да се грижат за развојот на земјоделието, но како да не ги гледаат. А некои и реално не се гледаат. По планините биле. И формално засадени со сорти кои дури и не виреат на такви терени. Се раскажуваат секакви анегдоти на темата. Та што ми е темата? Субвенции!!! Субвенциите кои ги замешаа работите. Како? Еве вака!

Во нашето секојдневие под субвенцијата се разбира помош за земјоделците, а не стимулативна мерка за развој. И кога е така, кој знаел и умеел се стекнал со земја, купена или почесто под концесија, исполнил услови за субвенции и природно си чека помош од државата. Што квалитет  произвел, помалку или повеќе во однос на претходната година, дали воопшто нешто произвел не е ни важно. Никој не прашува, никој не проверува. Не дај Боже статистички податок да побараш. Или да анализираш колку се продало од производството.

На пример, кога еден насад е субвенциониран, стимулиран за развој, има ли евиденција каков е поединечниот резултат на субвенционираните од година во година? Нема. Зошто? Зошто никој не ги прашува. Ако ги прашува ке треба да пополнат формулари и да напишат – лани произведов 100 тони, на пример, оваа година сум подобар за 10%. Или послаб за 30% – град, студ, суша, се нешто може да повлијае. Факт. Но, факт е и дека ние не знаеме колкави количини производи се произведуваат на субвенционираните површини, уште помалку дали има развој по единица произведувач или колкав е процентуално бројот на оние кои напредуваат, во однос на оние кои стагнираат или не успеваат да се развијат?! Не!!! Кај нас тоа не е ни важно.

Секакви чудесии од решенија се измислија низ годиниве, но ова последново по декар е врв. Колку овошки има на декар, на пример, во која фаза на зрелост се, какви количини се произведени е неважно. Важно се добило пари и зелена нафта по декар, па кому за што служи. 

И така годините си течат, земјоделието си пропаѓа, се раскажува каде колкави насади имало на времето. Со восхит за времето и тага за сегашноста.  А во меѓувреме субвенциите си се исплаќаат редовно, секоја година. И на оние кои макотрпно работат и на оние кои се запишани како земјоделци.

Па добро, сакам да прашам, што се субвенционира? Развој? Стагнација? Пропаст на земјоделието? Патем, оние кои се грижат за своите насади се жалат на оние другите кои само насадиле и повеќе не ги виделе насадите, а се соседи. Ем дестимулативно им делуваат, ем им ги заболуваат насадите… дупла штета. Да не го спомнувам моментот дека некој млад, надежен земјоделец, не може да добие концесија на земјиште. А се знае решението. Се знае што стимулира. Барањето резултати. Како?  Субвенционирање по килограм произведено!!! Просто и јасно!

Претходна вестМенувачници кои се обидоа да заработат останаа без лиценци или добија казни
Следна вестРусија поставува нов генерал кој ќе командува со операциите во Украина