Што пред пописот велеше Симовски ако има бојкот?

Пописот се уште ја вжестува јавноста во Македонија. Може ли попис на населението да се смета за успешен и кредибилен во ситуација кога на него не се попишале 132.000 граѓани? Колку резултатите се релевантни ако волку голем број на лица не се изјасниле за националност, вероисповест…? Ова се главните прашања кои се поставуваат.

Ако се суди според изјавите кои пред почетокот на ланскиот септемвриски попис и пред тоа ги давале првите луѓе на Државниот завод за статистика, пописот на кој 7,2 проценти од граѓаните не се попишале не може да се смета за успешен. Уште во 2019 година директорот на ДЗС Апостол Симовски во едно интервју рече дека ако голем број на граѓани го бојкотирата пописот тогаш тој ќе биде неуспешен.

-Било каков бојкот ќе значи немање на попис, да се разбереме. Последна работа која било кој во Заводот ја посакува е да се случи такво нешто. Се надевам дека и партиите ќе сфатат дека овој закон е најмалку во допир со политиката и дека пописот го прави професионална статистичка операција, рече тогаш Симовски.

Сепак имаше бојкот, но и непопишани по други основи има. Голема е бројката на македонски граќани кои не се сретнаа со попишувачи. 

Во јуни истата 2019 година телевизијата Алсат, повикувајќи се на ДЗС, објави дека „Заводот за статистика посочува дека ако најмалку 100.000 граѓани го бојкотираат пописот следната година, резултатите не може да се земат како релевантни“.

Лани во јануари, заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Илми Селами беше и конкретен во однос на можниот бојкот.

-Имаме доволно време за подготовка за кредибилен попис. Но истиот можат да го одложат само две причини. Прво, не очекување, но евентуално влошување на состојбата на пандемијата и второ, тивкиот бојкот од страна на македонската опозиција. Ако не успеете да попишете поради тоа 1.000 или 2.000 лица, пописот не е целосен, изјави Селами.

А еве испадна дека не се директно попишани 132.000 лица. Дали пописот е целосен?

Директорот Симовски даде само објаснување зошто тие не се попишани.

– Овие луѓе не биле попишани, бидејќи процесот се спроведувал за време на годишни одмори и пандемија на ковид, потоа било период на интензивни работи во земјоделието, а се случувало и попишувачот да пропушти некој, а имало и скриен и отворен бојкот. Конкретна бројка на луѓето кои го бојкотирале пописот нема. Не можеме да знаеме дали оние кои не отворале врата бојкотирале или се плашеле од вирусот. Бројката на неопфатени граѓани со попис е мала, очекувавме да биде поголема, рече Симовски.

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и ДУИ дипломатската служба ја доживуваат како монета за меѓупартиски дилови
Следна вестОпштина Карпош ќе помага при поправки на покриви и лифтови, не можат ли и другите скопски општини?