Прво и основно до сега требаше да се намалат министрите, советниците и замениците во Владата, да ги скратат паушалите од комисиите во кои учествуваат. Но, на нив им е најлесно да удрат по народот, ни вели Бојана Стојчевска
Лани, во државата имало дури 1.346 најразлични државни институции, за 14 повеќе отколку во годината пред тоа. Во нив работеле вкупно 132.088 лица, за 905 повеќе отколку пред две години. Епа тоа ли е штедење?
Нема ден, а некој министер да не му каже на населението во Македонија дека е голема криза, дека треба да се штеди, дека… Да, криза е, храна е многу скапа, нема енергија, а нема и доволно пари и во џебот на просечниот граѓани и во државниот буџет. И што прават министрите (сосе премиерот) околу оваа работа? Штедат ли вистински или…?
Доволно е само да се види колкав е целиот функционерско-административен апарат во државата па да се заклучи дека таму каде што може многу да се заштеди тоа не се прави. Лани, во државата имало дури 1.346 најразлични државни и општински институции, за 14 повеќе отколку во годината пред тоа. Во нив работеле вкупно 132.088 лица, за 905 повеќе отколку пред две години. Епа тоа ли е штедење и реформа на администрацијата?
– До сега требаше да скратат од функционерските екстремни плати, да ги намалат министрите, советниците и замениците во Владата. Да ги скратат паушалите од комисиите во кои учествуваат. На нив им е најлесно да удрат по народот, да затвараат училишта, да отпуштаат луѓе од работа, ни вели Бојана Стојчевска.
Трупаат нови институции
Наместо да се отвори дискусија за тоа колку министри и министерства, колку органи, агенции, дирекции, фондови… реално ни се потребни, сега се оформи и ново тело „Совет за образование“, се реши членовите на комисијата за историја со Бугарија да добијат асистенти…, а за тоа ќе се трошат нови буџетски пари. Зошто сега не се размислува за намалување на неколку министерства, за намалувањето на бројот на пратениците, за намалувањето на бројот и на надоместоците на членовите во стотици управни и други одбори за кои се трошат многу државни пари? Владата нез да изгуби на ефикасност (дури напротив) може да скрати 2-3 министерства, а 120 пратеници се премногу и 90 би биле доволни.
-Мора да се направат радикални промени со штедењето, мора домаќини да дојдат на власт. Оние исфрустрирани до вчера ни ослиќ не јадеа, а сега сакаат морски плодови. Јас сум за сериозно штедење, сето треба да се редуцира на пола, да се укине репрезентацијата, патните трошоци, патувања кои 80-процентно се неоправдани, да се укинат советници, заменици, тоа ново Министерство за политички систем што го води Артан Груби, револтирана е Славица Кикерковска.
И наједноставните пресметки покажуваат какви заштеди би донела рационализацијата: намалувањето само за три министерства преку спојување со другите ќе значи дека нема потреба од три заменици-министри, три државни секретари, три секретарки и членови на кабинети… ќе значи дека нема потреба од посебни згради, простории, посебни служби, комунални трошоци за греење и слично. Да не зборуваме за намалувањето на бројот на пратениците, членовите во општинските совети, на членовите во Управните и Надзорните одбори по бројни институции кои земаат големи парични надоместоци.
-Па сите владини небитници ја зголемуваат администрацијата за да можат да владеат повеќе време, да не говорам и за другите институции, невиден хаос со идеа за распаѓање на оваа држава, смета Драги Стојкоски.
Па, така, државните пари и натаму се трошат за разни агенции, директорати… кои и самите не ги знаат своите работни обврски. Впрочем сетете се дека ако има некој инцидент или потреба за поголемо работење секогаш има и расправа – кој е надлежен за тоа. Ужас!
Кога навистина ќе се намалат високите плати?
Деновиве премиерот Димитар Ковачевски пак најави дека треба да се намалуваат натпросечните плати во државните фирми кои се загубари. Истото тоа го најави уште во мај годинава заедно со процесот на реформа на администрацијата, но на тоа се уште се чека. Во меѓувреме, граѓаните се повеќе се револтираат од она што го гледат дека се случува.
-Иритирачко е тоа колку се потрошило на морска храна, за други мезелаци а народот едвај сврзува крај со крај. Потребно е да се намалат државните институции и тоа на број во кој ќе спаѓаат најнеопходните. Можеби не треба да се намали бројот на министерствата, но сигурно треба да се укинат сите работни места на заменик – министер, па заменик на заменикот и сите тие измислени работни места, смета Спасијка Голчева.
Пораката од граѓаните е јасна: се бара максимално водење сметка за сите трошоци коишто се плаќаат од државниот буџет за кој пари дава населението во Македонија.
-Фрапантна е бројката на институциите. Сите тие институции, агенции, министерства советници и што уште нема да измислат, треба да се преполоват. Приватниот сектор има потреба од вработени и истите ќе ги апсорбира, ама проблем е што таму треба да работат. Комплексна е темава и искрено не верувам дека наскоро нешто ќе се смени, вели Жаре Ангелески.
Џабе еден министер помалку ако друг краде за двајца
-Сметам дека треба да следи намалување на државните институции во име на штедењето. Меѓутоа, многу поважно е да се искорени корупцијата, џабе помалку министри, ако останатите крадат за повеќе. Но, кај нас правниот систем дополнително ја усложнува ситуацијата. Кога има пракса на неказнивост, односно благи мерки кон корумпирани функционери, доведува до уште поголема корупција, смета граѓанинот Александар Мартинов.
Мора ли да има толку многу службени возила?
Наместо намалување на бројот на функционери и на институции јавноста деновиве е информирана дека, на пример, во владиниот ресторан, во име на штедењето, веќе нема да се послужуваат морски плодови и бадеми и лешници. Одлуката со која треба да се заштедат 20.000 евра ја соопшти лично премиерот Димитар Ковачевски. Но, прашањето е колку би се заштедело со тоа што Владата не би имала четворица вице-премиери (туку само еден). Колку ќе се заштеди кога би се намалил бројот на многуте советници, на премногуте службени возила, на…?