Шведска денеска се приклучи кон НАТО како нејзина 32.членка, соопшти американската Влада, цитирана од ДПА.
Во официјалното известување од американскиот Стејт департмент се вели дека денеска стапил на сила Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристапување на Кралството Шведска.
Пристапувањето на Шведска значи дека сите сојузници во НАТО, вклучително и САД се посветени на одбрана на земјата доколку биде нападната, и обратно. Шведска, исто така, ќе придонесе со нејзината развиена одбранбена индустрија која веќе снабдува неколку земји од НАТО.
И Шведска и Финска побараа да се приклучат на НАТО во мај 2022 година, по целосната инвазија на Русија на Украина во февруари истата година. Финска стана членка на Алијансата во април 2023 година.