Да продолжи пристапниот процес во ЕУ со фокус на исполнување на копенхагенските критериуми, очекување е кое вчера го искажала македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова на средбата со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер. Во соопштението по средбата со амбасадорот на Француската Република се наведува дека беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Тие се карактеризираат со традиционално пријателство, отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес.
На средбата се разговараше за македонските аспирации за членство во Европската Унија, како стратешки приоритет на државата. Во тој контекст претседателката Сиљановска Давкова истакна дека поддршката од страна на нашите пријатели и партнери во ЕУ, вклучувајќи ја и Франција, за нас е високо ценета и значајна.
-Претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, преку враќање на вербата во мериторниот процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхагенските критериуми. Претседателката Сиљановска Давкова изрази надеж дека историските прашања, стари и по сто години, нема да го преземат приматот на реформите кои се главен национален приоритет и воедно изрази очекување за подлабока соработка со Француската петта република за примена на француските искуства во развојот на демократијата, се наведува во соопштението.
Во контекст на владеење на правото како прв и најважен критериум од Копенхаген, Претседателката ги посочила актуелните внатрешни предизвици врзани за нарушениот уставен принцип на поделба на власта без која нема парламентарна демократија.