Силјановска Давкова по повод 75-годишнината од основањето на УКИМ: Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава

Претседателката Гордана Силјановска Давкова вчеравечер се обрати на свечената академија по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и одбележувањето на патрониот ден на Универзитетот.

-Чест ми е што ова е едно од моите први обраќања по преземањето на претседателската функција. Се разбира моето место беше и остана меѓу вас. Овој универзитет е изворот на моето знаење, инспирација и мотивација. 75 години потоа мислам дека е време кога можеме да кажеме дека мудроста е со нас. Стекнував знаење од постарите почитувани професори и под нивното менторство како Телемах го засакав правото. Не само правото, туку и правдата. И ден денеска црпам инспирација од ценетите колешки и колеги со кои продолжив да соработувам. Се разбира, образованието беше и останува мојот дом. Најважно од сè, УКИМ е и ќе остане изворот на мотивацијата и на инспирацијата на нови генерации студенти.

Одбележуваме 75 години од формирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а прославуваме и 80 години асномска Македонија. Се разбира, од црковно-училишните општини до денеска учителите имале важно место во историјата на оваа држава. УКИМ е сраснат, УКИМ е во хармонија со македонската држава. Универзитетот беше и остана alma mater на генерации, генерации кои станаа со знаењето потолерантни, станаа компетитивни, оставија траги овде, а оставаат траги и по светот. Она што е економијата, науката, технологијата, културата и уметноста во голем степен е заслуга на вас. УКИМ не е оаза. УКИМ соработува и тоа плодно со бројни високообразовни институции и установи ширум Европа и светот, УКИМ овозможува да бидеме дел од единствениот образовен простор, од морето на знаење, да ги продлабочуваме знаењата и вештините на европските универзитети и посакувам студентите да се вратат овде и знаењето да го стават во функција на државата“, рече претседателката Гордана Силјановска Давкова.

-Дигиталната трансформација која беше зачната на некои од врвните универзитети, ги трансформира сите универзитети, и нашите. На врвот на Шангајската, па и на секоја друга ранг-листа ќе опстанат оние универзитети што најбрзо и најдобро ќе се приспособат на дигиталната доба.

Затоа, државата мора да усвои сеопфатен пристап кон дигиталната трансформација, преку имплементација на прецизна национална дигитална стратегија, се разбира, во согласност со дигиталната агенда на Европската Унија и со Целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Нам ни треба дигитална писменост. Мора да ги подобриме вештините на граѓаните, мора да инвестираме во надградбата на дигиталната инфраструктура, мора да го развиваме иновативниот и претприемачкиот екосистем.

Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава. Во Европската Унија и во светот ќе нѐ почитуваат ако развиваме квалитетно, компетитивно образование и наука, ако ги негуваме, ако ги наградуваме најдобрите. Образованието мора да го осовремениме, мораме да го приспособиме на светските текови, мора да го димензионираме во согласност со реалните потреби на пазарот на трудот. Мора да зајакне врската меѓу образовните институции и компаниите. Мора да вложуваме во истражувањето и во развојот. Така ќе ја намалиме невработеноста, така ќе го запреме егзодусот на најумните, најпотребните, рече Силјановска Давкова.

Претходна вестВчерашното невреме со големи штети: Заглавени луѓе во возила, поплавени објекти, оштетени автомобили
Следна вест139 санкционирани возачи во Скопје