-Малку народи можат да се пофалат дека се дел од светите книги, а Македонците и Македонија се дел од Библијата. Македонија е нашата судбина, порача на предизборниот митинг во Кавадарци кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Според Силјановска, доаѓа критичен момент кога граѓаните ќе треба да си одговорат дали се горди на актуелните владетели, претседателот, премиерот, спикерот. Како што истакна таа, Македонците се доведени до ѕидот на срамот.
-Последен момент е да сториме нешто за да си ја вратиме гордоста а имаме многу работи од Илинден и АСНОМ до сега кои можат да не прават горди, порача Силјановска Давкова од Кавадарци.
Таа вели дека претседателот Пендаровски не дал извештај за тоа што го сработил што за неа е разбирливо затоа што за да има извештај треба да има и многу сработено.
Силјановска во контекст на црната кампања на власта и обвинувањата, кои за неа се смешни, потсети на аферата „Фабрика“ кога група новинари блиски на СДСМ беа ангажирани да прават лажна слика во јавноста. Сега, според Силјановска, власта го повторува истото со објава на материјали во кои тие што водат црна кампања не можат да го погодат ниту датумот на лажните документи.
Силјановска смета дека Пендаровски треба да замине не заради тоа што таа сака да биде шеф на државата туку затоа што тој не се однесувал соодветно.