Сиљановска лично ќе ѝ честита на Шекеринска за новата функција

Шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова синоќа информираше дека остварила телефонски разговор со екс-министерката Радмила Шекеринска-Јанковска. Во разговорот ѝ упатила покана за средба со цел да ѝ го честита изборот за нова заменик-генерална секретарка на НАТО.

На предлог на Шекеринска, средбата ќе се одржи во петок, во 10 часот.

-Сметам дека е најдобро лично да ѝ изразам честитки за престижната функција, која е од големо значење, не само за неа, туку и за државата, стои во објавата на Сиљановска-Давкова.

Премиерот Христијан Мицкоски исто така информираше дека разговарал со Шекеринска.

-Нема дилема дека треба заедно да соработуваме и да направиме сè што е во наша моќ да помогнеме на македонската Армија, а со тоа да помогнеме и за безбедноста и сето она коешто им е потребно на македонските граѓани, посочи премиерот

-Повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, но ако тоа не го правиме на дело, а повикуваме, тогаш тоа е лицемерие. Затоа ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници. За нас националното единство и интересите се пред и над партиските интереси и да се има Македонка за заменик- генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната Алијанса во историјата е навистина чест, изјави Мицкоски.

Демократската унија за интеграција оцени дека именувањето на Шекеринска за заменик на Генералниот секретар на НАТО е голем успех.

-Како партија која отсекогаш го поддржувала евроатлантскиот пат на нашата држава, ова значајно постигнување го гледаме како признание за заедничките напори на сите граѓани на Северна Македонија, велат од ДУИ.

Социјалдемократите реагираат дека властите задоцниле со честитките за именувањето на Шекеринска.

Претходна вестГраѓаните се солидаризираат, Славески најави итна седница за нормализирање на јавниот превоз
Следна вестГерманскиот Бундестаг му донира на македонското Собрание безбедносни скенери