Американската крајбрежна стража соопшти дека се пронајдени остатоци во близина на местото каде што исчезнала подморницата „Титан“ и дека сите членови на екипажот загинале.
-Големината на полето со остатоци е во согласност со катастрофалната имплозија на бродот, рече адмиралот Џон Маугер.
Потврда за смртта на петмината патници на екипажот стигна и од компанијата „Оушн гејт“ која управуваше со подморницата.
Остатоците од подморницата се пронајдени на повеќе од 200 метри од лакот на потонатиот брод Титаник. Карл Хартсвил од Институтот „Вудс Хол“ изјави за новинарите дека тие се пронајдени во област каде што нема остатоци од Титаник и дека тоа е област со рамно дно.
Откриените делови, меѓу кои и конусот од опашката, им потврдија на експертите да заклучат дека потекнуваат од подморницата Титан, и само ги потврдија сомнежите дека се случила катастрофална имплозија. Не е јасно што би можело да ја предизвика. Но, претпоставката на експертите е дека најверојатно се случил дефект во главното куќиште, по што подморницата била подложна на силен притисок, еднаков на тежината на Ајфеловата Кула, притискајќи го садот со тежина од десетици илјади тони.
Телата на петмината загинати никогаш нема да се извлечат, затоа што тоа би било неверојатен ризик, поради суровите подводни услови кои не простуваат, соопштија од крајбрежната стража.
Подморницата Титан на компанијата „Оушн Гејт“ ја загуби врската со матичниот брод во неделата, речиси два часа откако го почна осумчасовното спуштање кон морското дно на Атлантскиот Океан, во обид да стигне до трупот на потонатиот брод Титаник, кој лежи на длабочина од 3.800-тини метри.
Претставници на американската крајбрежна стража соопштија дека возилата за далечинско управување кои работат на морското дно околу Титаник ќе останат на терен.