Изборната кампања е при крај. Најжестоко е во Скопје каде скопскиот градоначалник Петре Шилегов се обидува да ги анулира повеќето илјади гласови предност кои ги стекна во првиот круг на гласање неговата противкандидатка Данела Арсовска. Шилегов е убеден дека ќе победи. Дали ќе биде така?
При првото гласање големото мнозинство на гласачи јасно покажа дека е незадоволно од спорото реализирање на многуте ветени проекти од кои некои не ни почнаа да се прават.
-Мене не ми е проблем кој ќе биде на власт. Потребно е да бидат ажурни, да мислат на народот, малку од малку да се поднаправи. Треба да се остварува, а не само да се вети, да се раскопа некоја улица и така да се остави да стои. Треба да се работи постојано, не само кога се изборите, ни вели граѓанката Силвана Арсова.
Токму за многу прекопани улици и застои во сообраќајот во последниве два-три месеци граѓаните го обвинуваа Шилегов дека „предизборно се фатил за работа“.
На нови избори со продолжение на старата програма
Причините за поразот на скопскиот градоначалник веројатно треба да се бараат и во фактот што Шилегов на изборите практично настапи со старата изборна програма. Односно, практично со барањето да добие нов мандат за да ги заврши проектите кои се започнати. Па, така, сега на скопјани пак им вети нов забавен парк, завршување на новиот булевар АСНОМ и мостот на Вардар, реконструкција на улицата „Перо Наков“ на булеварот „Киро Глигоров“, на неколку средни училишта, дигитализиран град, паметно осветлување.., што беа ветувања кои скопјани очекуваа веќе да се завршени.
Што требаше да е завршено до сега од Шилегов:
Тунел под Кале
Универзална сала
Ревитализација на Треска
Две нови гимназии
Пешачка зона Мал Ринг
Зелен коридор Серава
Уредување на Аквадуктот
Луна парк
Гасификација…, има уште многу работи кои се наведени во неговата програма или се ветени за време на четиригодишниот мандат.
Одговор на дилемата дали по две недели од првиот изборен круг скопјани го смениле мислењето за работењето на Шилегов за време на мандатот ќе дадат самите граѓани во недела.