Скопјанец на возраст од 33 години е приведен бидејќи во два стана што ги користел биле откриени импровизирани лаборатории за производство на марихуана, соопшти МВР.
МВР објави фотографии и видео д претресот кај него на булевар АСНОМ каде биле одземени 71 стебло канабис сатива, повеќе пакувања со марихуана, гранки кои биле во процес на сушење, тегли и други пакувања со семки од марихуана.
За време на претресот било утврдено дека лицето користи и друг стан на булевар „Партизански одреди“, сопственост на неговиот дедо и со судска наредба, бил извршен претрес во тој стан и била откриена уште една илегална лабораторија за производство на марихуана. Притоа, биле пронајдени и одземени 81 стебло од растението канабис сатива, кои се одгледувале во специјално направени услови со инсталирано посебно осветлување и температурни услови. Во станот биле пронајдени и 12 помали саксии со насади, ламби, вентилатори, засилувачи и друга опрема за производство на марихуана.
Скопјанецот бил приведен во полициска станица, а по документирање на случајот од МВР велат дека ќе поднесат кривична пријава против него. Исто така, додаваат дека против истото лице досега се поднесувани повеќе кривични пријави поврзани со дрога, за што бил и осудуван.