Скопјани: „Лајка“ секој ден да дава отчет колку кучиња заловила и каде!

Три напади на улични кучиња врз луѓе за 24 часа, и тоа на исто место. Се работи за булеварот „Трета македонска бригада“ во Аеродром, на потегот од Американ колеџ кон кулите Џевахир. Тоа значи дека концентрацијата на кучиња скитници кои напаѓаат вооопшто не е намалена.

А Скопје ја доби „Лајка“ – новиот стационар кој требаше да биде решение за оваа мака на скопјани. Барем така се претставуваше од страна на градоначалникот Шилегов и повеќе пати се најавуваше, па на крај конечно го отворија. На среќата и немаше крај, но по извесно време се покажа дека проблемот воопшто не е решен. Кучиња скитници идентично врие, а повредени и нападнати луѓе постојано има.

– Зошто постои „Лајка“, зошто?! Ако ја отворивте за ваши бизниси тогаш е разбирливо, ама немојте да не лажете дека заловувате кучиња и сте на терен, кога ситуацијата е иста… Бараме „Лајка“ да дава дневен извештај на јавноста односно на сите здруженија за животни: колку кучиња заловила, каде, со фотографии и документација, како и најава што ќе прави со тие кучиња и како се грижи за нив! Вака, според нивните соопштенија тие се цел ден на терен, ловат скитници, и ги згрижуваат, а истите глутници хараат по Аеродром. Без ниедно кутре помалку. Срамота е да лажете, вели револтирано група загрижени граѓани кои испратија писмо до „Скопско ехо“.

Има ли волја за ваква стратегија на информирање на јавноста? Сепак „Лајка“ е јавно претпријатие кое се плаќа од парите на скопјани, па не само што треба да постои волја за транспарентност, туку и да се почне веднаш со сериозен отчет. Затоа што, ако се покаже дека „Лајка“ нема капацитет да ги згрижи скитниците, тогаш значи дека некој направил погрешна проценка во планирањето на големината на стационарот. Неопходно било да биде поголем да има повеќе место и персонал за на терен. Тоа значи дека некој треба да одговара што не направил анализа колкава треба да биде „Лајка“, односно колку голем е проблемот со кучињата скитници.

Претходна вестВикендов свежо, од понеделник се стоплува
Следна вестЗаврши приказната за „Кино Култура“