Четириесет и осумгодишна скопјанка вчера излегла од Клиниката за кардиологија во Скопје со вграден стент ама и „олеснета“ од бурмата и друг прстен кој го носела на раката додека ѝ била вршена медицинската интервенција, дознава „Слободен печат“ од свои извори. Пациентката тврдела дека во полубесознание почувствувала како некој во болницата ѝ ги извлекува прстените од рацете.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека имаат пријава за настан кој се случил вчера.
– На 19.04.2023 во 12 часот и 45 минути во СВР Скопје А.О (48) од Скопје пријавила дека ѝ бил одземен накит во една од клиниките во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде претходно ѝ била извршена операција.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.