Советот на Град Скопје на денешната седница даде зелено светло да се формира координативно тело за кандидатурата на на Скопје за европска престолнина на културата за 2028 година.
Тоа ќе ги координира активностите што произлегуваат од кандидатурата за оваа титула, а ќе го сочинуваат претседател, заменик-претседател и 19 членови, вработени во Град Скопје, во Владата и Министерството за култура, јавните културни институции на Град Скопје и на државата, како и претставници на граѓанското општество.
За претседател е избран Никола Наумоски, раководител на Сектор за поддршка на градоначалникот на Скопје.
Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ смета дека „Скопје – Европски град на културата“ е одлична идеја, но имаше забелешки околу формирањето на координативното тело, за што посочи дека лицата избрани да раководат со ова тело не се доволно компетентни и упатени во културата.
Кандидатурата се состои од три фази:
-Првата фаза е фаза на подготовка до есен оваа година, кога се објавува повикот за поднесување на прва пријавна книга.
-Втората фаза е до есен 2022 година, кога се пишува и доставува првата пријавна книга и до крајот на 2022 година ќе се знае дали Скопје е дел од градови кои одат во вториот круг на селекција.
Третата фаза од кандидатурата се спроведува од крајот на 2022 до втората половина на 2023, во рамки на која се подготвува и предава втората пријавна книга, по која ќе се одлучи кој ќе биде градот носител на титулата за 2028 година.
Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија од 1985 година. Во периодот од 1985 до 2021 година, оваа титула е доделена на околу 60 градови од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа, а од 2021 и на градови од земји кандидатки за Европска Унија.
Целта на програмата е да го нагласи богатството и разновидноста на културите во Европа, да ги празнува културните карактеристики кои европските граѓани ги споделуваат, исто така има за цел да го зголеми чувството на припадност на европските граѓани кон една заедничка културна област и да го поттикне придонесот на културата во развојот на градовите.