„Зелена престолнина“ не стана, сега Скопје ќе се трка за „културна престолнина“ на Европа

Град Скопје ќе се трка за во 2028 година да стане „Европска престолнина на културата“. Заради ова вчера на седница на Градот беше донесена одлука за формирање т.н. координативно тело за усогласување на активностите што произлегуваат од кандидатурата за оваа титула. Како претседател на специјалното тело е избран Никола Наумоски, раководител на сектор за поддршка на градоначалникот Петре Шилегов, а освен него во координативното тело членови се уште 19 други луѓе вработени во Владата, Град Скопје, Министерството за култура, јавните институции од областа на културата како и луѓе од невладиниот сектор. Детали нема за нивните имиња.

Она што е дискутабилно е дали Скопје ќе успее да влезе во трката – информација што ќе се знае во 2022 кога и ќе се направи селекцијата. Во 2019 година, иако претходно беше помпезно најавено, за жал Скопје не влезе во трката за „Зелена престолнина 2021“. Оваа информација Шилегов ја имаше уште во април 2019, ама не ја сподели со јавноста, туку, дури во септември на граѓаните им ја откри „О2 иницијативата“.

– Гледајќи ги категориите кои Европската Комисија ги оценувала и споредувајќи ја состојбата на терен, видлива од сопствените прозори, можеме само да заклучиме дека Скопје уште долго нема да биде зелен, ниту како град, ниту престолнина. Скопје единствено и оваа зима ќе може да ја носи круната на најцрн, најзагаден град на светот, рекоа тогаш од „О2 Иницијативата“.

Сега Шилегов го чекаат избори. Најави дека не се откажува од идејата да го зазелени Скопје, иако тоа го вети ама не го исполни во овој мандат. Ќе успее ли барем да го донесе директно во трката за европска културна престолнина? Одговорот ќе го дознаеме ако тој пак биде избран да го води градот. Во спротивно, на скопјани им останува да се надеваат дека некој друг ќе го треба да се вложи.

Инаку, Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија започната во 1985 година. Во периодот од 1985 до 2021 година, оваа титула е доделена на околу 60 градови од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа, а од 2021 и на градови од земји кандидатки за Европска Унија. Кандидатурата се состои од три фази, првата фаза е фаза на подготовка до есен оваа година, кога се објавува повикот за поднесување на прва пријавна книга. Втората фаза е до есен 2022 година, кога се пишува и доставува првата пријавна книга. До крајот на 2022 година ќе се знае дали Скопје е дел од градови кои одат во вториот круг на селекција. Третата фаза од кандидатурата се спроведува од крајот на 2022 до втората половина на 2023, во рамки на која се подготвува и предава втората пријавна книга, по која ќе се одлучи кој ќе биде градот носител на титулата за 2028 година.

Претходна вестЕднократна владина помош за туристички водичи, организатори на настани, фото и фитнес студија, игротеки…
Следна вестОтворен е конкурсот за награда „Живко Чинго“, трае до 30 јули