Скопје повторно е меѓу најзагадените градови. Но, дали и што се презема за да се променат алармантните состојби и статистики поради екстремното загадување.
Премиерот Мицкоски тврди дека Владата работи на намалување на аерозагадувањето, но тоа вели е долготраен процес.
-Единствен начин како може да ја намалиме емисијата на штетни честички е, во периодот од ноември до март, да го смениме системот на затоплување на домовите, односно, помалку фосилно гориво, повеќе еколошки горива, меѓу кои и централното затоплување. Ние работиме за да се изградат гасни централи. Еден од петнаесетте инвеститори е таков, заинтересиран да изгради такви гасни централи. Но, за тоа ќе треба време, најмалку две до три години за сето тоа да профункционира, рече Мицкоски.
Од коалицијата Вреди пак преку соопштение велат дека Владата за прв пат донела програма со контрекни мерки за намалување на загаденоста, а во меѓувреме се засилувале контролите на терен.
-Владата презема активности за воспоставување целосна контрола врз индустриските капацитети, промовирање на еколошки извори на загревање, како и засилена континуирана инспекциска контрола и соработка со локалните самоуправи. Се спроведуваат засилени инспекции и контролa врз сите потенцијални загадувачи. Министерството за животна средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, спроведува засилени и вонредни контроли врз индустриските капацитети со А интегрирани еколошки дозволи, рекоа од Вреди.
И додека властите тврдат дека се преземаат мерки, Скопје и денеска според мерењата е повторно меѓу градовите со највисок индекс на загадување. Изминативе денови аларматни нивоа на загаденост беа регистрирани и во Струмица, каде беше надминат прагот на алармирање за загаденоста на воздухот.
Во Скопје минатиов месец се одржаа два протести за состојбата со аерозагадувањето, на кои еко активистите испорачаа барања. Според анализите, 18 отсто од вкупната смртност во земјава можат да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на штетни ПМ честички во воздухот.