Скопскиот Совет ја изгласа Програмата за дополнителни активности на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, ќе биде ли градот почист?

Со 30 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ советниците во Град Скопје вчера попладне ја изгласаа предлог-одлуката за давање согласност за програмата за дополнителни активности на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ во делот на јавната чистота на подрачјето на градот за периодот од 1 септември до 31 декември. На гласањето на предлог-одлуката му претходеше полемика и конфронтација меѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и дел од советниците кои покажуваа фотографии со локации во главниот град кои не се исчистени.

Реагирајќи на советниците, Арсовска рече дека инспекторите на Град Скопје дежураат во три смени на одредени локации за да укажат на свест кај граѓаните.

-За жал, ние немаме онолку инспектори колку што има локации со контејнери, каде очигледно со намера се прават диви депонии низ градот Скопје. На над 80 отсто од локациите, како што рече, хаварија има надвор од контејнерите, кои се празни. За ова, додаде таа, јавноста треба да суди. Надлежните институции не постапуваат и не го санкционираат неправилното фрлање на отпад. Станува збор за 10 општини во градот Скопје со 10 инспекторати, кои имаат свои инспектори и комунални редари. Ние цела армија да ангажираме нема да може да исчисти. Треба сериозен пристап. Одговорноста не може да се бара единствено кај институцијата која исклучиво постапува во овој случај. Градот Скопје е единствената институција која постапува по овие случаи, рече Арсовска, додавајќи дека имаат изречено голем број глоби, санкции и едукации.

Во врска со сезонските работници, кои биле 120 или 150, градоначалничката рече дека треба да се изнајде некое поодржливо решение со кое овие луѓе трајно ќе го најдат своето место во Градот каде се потребни.

По гласањето на програмите, преку писмено соопштение реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека коалицијата во Град Скопје предводена од оваа партија ги изгласала сите програми на Арсовска, за кои таа велела дека се кочат.

-Иако на Арсовска не ѝ с е потребни програми за да го исчисти Скопје, затоа што за чисто Скопје, не и е потребна програма за нешто што е утврдено со закон, сега по нивното гласање Арсовска нема повеќе алиби за нехигиената во главниот град. И на крај, досега се гласаа програмите градоначалничката не беше присутна на расправата за точките за коишто тврдеше дека се клучни, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестСрбија купува 12 авиони „Рафал“ од Франција
Следна вестПелистер се намачи против Црвена Звезда за стартна победа на турнирот во Добој